Милиони евра ќар: Кои најголеми маркети во Македонија најмногу заработиле лани?!

Ланецот-маркети КАМ свртел приходи од 270 милиони евра во 2023, додека „Веропулос“ има убедливо најголема профитна маржа минатата година и тоа поголема од 10 отсто, објави Фактор. Од приходи од 99,5 милиони евра, „Веро“ направил добивка од 10, 43 милиони евра и со овој профит е на врвот по најголеми добивки за минатата година.



Најмногу се трошело кај КАМ, Киппер Маркет и Стокомак, ланци познати по ниската маржа од продаден производ и дисконтска продажба. Сепак, оваа тројка има одличен резултат и кај добивките, каде го држат второто, третото и четвртото место.

Во Топ-10 најголеми добивки во малопродажбата, покрај стандардните, се најде Црвена Ружа, која има 12 маркети, главно во Струмица. Доминантен сопственик е Ванчо Манчов. Има 93 вработени и основана е во 2021. Растот на приходите е 23 отсто, а на добивката е од дури 68 проценти.

Друштво на познатите „гиганти“ им прави и Омер Компани, во сопственост на бизнисменот Муарем Беџети, а компанијата е позната по тоа што го поседува трговскиот центар во Сарај. Во најдобрите десет е и С.Б.В-Компани од Арачиново, инаку компанија-сопственик на „С-Маркетите“, а чиј газда е Беќир Ферати.

Кај трговците со најголеми приходи, речиси сите имаат распространета мрежа на продажба. Меѓу нив, локално работат само „Зур“ во Скопје и Монтенегро во Гостивар, инаку овој вториот во сопственост на браќата Јован и Љубе Пејчиноски.