Милевски: Никогаш повеќе да не играме во вакви околности, да ѝ подариме на Македонија малку радост

Селекторот на македонската фудбалска Благоја Милевски посакува неговите избраници никогаш повеќе да не играат под влијание на голема трагедија како во Кочани и утре против Велс да ѝ подарат на Македонија малку радост по седмицата на жалост поради 59. загинати и над 200 повредени.



„И пред натпреварот со Лихтенштајн, но и сега сме облеани од силни емоции, работејќи под посебна атмосфера. Самата подготовка за овие мечеви е тешка поради сите случувања кои сите нас нè потресоа. Околностите се тие и се надевам дека нема никогаш да имаме повеќе вакви околности воопшто во животот. Затоа, сакам да им се оддолжиме на навивачите на најдобар можен начин и утре против Велс да ѝ подариме на цела Македонија малку радост“, изјави Милевски во пресрет на дуелот со Велшаните утревечер од 20:45 часот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.

По саботниот триумф над Лихтенштајн од 3:0 во Вадуц на стартот од квалификациите за Светското првенство 2026, „црвено-жолтите“ водат во групата Ј пред Велс, кој го совлада Казахстан со 3:1 во Кардиф.