Селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Благоја Милевски, ги сподели очекувањата во пресрет на продолжението од Лигата на нациите со гостувањата кај Летонија на 10 октомври и во Ерменија три дена подоцна во рамките на групата од дивизијата Ц.
„Нè очекуваат уште четири меча, секој од нив еднакво важен. Играме на гости со Летонија и со Ерменија. Ме радува фактот, се надевам така и ќе остане, дека сè зависи од нас. Македонија се прашува за изгледот на табелата во оваа Лига на нации. Ќе бидеме задоволни ако и по овој собир бидеме на првото место, каде што сме сега“, изјави Милевски.
Пред двете гостувања „црвено-жолтите“ се лидери во групата со 4 бода, еден повеќе од следните противници.
Одбранбениот фудбалер на словачка Жилина, Андреј Стојчевски, е единствениот дебитант меѓу 25 повикани играчи за октомврискиот „прозорец“ во ова натпреварување на УЕФА.






