Американскиот поддржувач на македонската кауза Џејсон Мико во својата најнова колумна ги предупредува Македонците дека преговорите со Грција се многу повеќе отколку само за името, поточно дека во суштина клучните грчки барања се поврзани со македонскиот идентитет.
„Значи, по сè, станува збор за идентитетот. Нешто за што пишувам со години, повеќе од една деценија. Нешто што Македонците го знаат, го кажуваат цело време и за што пишуваат исто така. И нешто што посредникот на ОН за името, амбасадорот Метју Нимиц, го негира, последен пат во август 2017 година. Тој тогаш изјави за Би-Би-Си: ‘Ние зборуваме само за формулација за името на оваа држава за дипломатски цели. Тоа нема да влијае на просечно лице. Не преговараме за идентитетот. Ако беше така, немаше да бидам тука’. Но, тоа не е вистина. И тоа е тажно, навистина, бидејќи тој изгледа како навистина фино момче. Но, тој не е единствениот: меѓународната заедница, особено дипломатите во САД и во ЕУ, постојано велеа дека не станува збор за идентитетот. Освен тоа што станува збор за идентитетот. Притоа, пет факти:
Еден. Во напис објавен на 17 јануари министерот за надворешни работи Никола Димитров за ‘Балкан инсајт’ изјави: ‘Решение е можно само само ако идентитетот на [земјата] не е поткопан … Природата на спорот е таква што создава страв… па затоа е многу важно за Република Македонија да биде јасно дека решението нема да му наштети на [националниот ] идентитет’. Авторката Ана Петрушева напиша: ‘Покрај користењето на придавката, решението исто така треба да го дефинира обемот на користење на новото име [билатерално или меѓународно] и – најчувствителното прашање од сите – делот поврзан со идентитетот, името на јазикот и националноста’. Димитров продолжува: ‘Во суштина, решението треба да опфати неколку елементи, така што да биде прифатливо за двете земји: да не му наштети на нашиот идентитет; и да одговори на барањето на Грција да има појасна дистинкција меѓу земјата Македонија и регионот Македонија. Исто така, би било многу европски ако нема монопол на терминот ‘Македонија’ – ако нема ексклузивно право на употреба на овој термин за двете страни’.
Два. Во средата на 17 јануари веднаш по завршувањето на последниот круг разговори со Нимиц и со неговиот грчки колега, македонскиот амбасадор во САД и именуван преговарач за името, Васко Наумовски, за медиумите изјави дека предлозите што ги презентирал Нимиц биле ‘далеку од достоинствено решение’, дека името Република Македонија е основа за идентитетот и дека тој не е оптимист.
Три. Поранешниот грчки премиер Костас Караманлис изјави дека ‘се состанал во вторникот на 16 јануари со претставници на групи од целиот свет што ги сочинуваат Грци од регионот на Македонија. Според извештајот од вебстраницата на ‘Риал њуз’, Караманлис, чие семејство е од северна Грција, изјавил дека ‘нема македонска нација и ова мора да биде јасно и официјално прифатено’.
Четири. Извештајот на ‘Балкан инсајт’ од ноември 2014 година објави детали за предлогот од 2013 година што Нимиц им го достави на Македонија и на Грција. Тоа е фасцинантно – и сложено – четиво точно поради тоа што идентитетските прашања се распространети низ документот. Во предлогот Нимиц предлага ‘Горна Република Македонија’. Но, кога станува збор за националноста и за идентитетот, размислете за таков сет што опфаќа голема лингвистичка гимнастика:
‘Во делот на предлогот поврзан со прашањето за националниот идентитет, Нимиц предложи македонскиот јазик да биде именуван како ‘Macedonian/Makedonski’. Тој даде пример за тоа како тоа ќе функционира во пракса: ‘Документот ќе биде преведен на англиски, француски, Macedonian/Makedonski и руски’.
‘Нимиц предложи уште посложено решение кога станува збор за утврдување на ‘nationality’. Во Македонија овој термин е преведен како ‘националност’ и е повеќе поврзан со етничката припадност, отколку со почестата меѓународна асоцијација со идејата за државјанство. За да ја пресретне оваа разлика во перцепцијата, Нимиц понуди паралелна употреба на две фрази: ‘Горна Република Македонија’ и ‘Makedonsko/Macedonian’. Практичен пример за ова, содржан во предлогот на Нимиц, беше следната реченица: ‘Таа е државјанин на Горна Република Македонија; алтернативно: Таа е македонски/Macedonian државјанин’.
Додека предлогот не спомена ништо за употребата на пасошите, може да бидете сигурни дека Грците – во кое и да е договорено решение – ќе сакаат македонските пасоши – како ‘официјална документација’ – да го содржат новото име, со оглед на тоа дека Грците инсистираат тоа да биде прифатено како ново уставно име на Република Македонија. Исто така, и повторно разгледувајќи го предлогот на Нимиц од 2013 година, се појави прашањето за комерцијалната употреба. ‘Балкан инсајт’ забележува дека ‘во врска со комерцијалната употреба на термините ‘Македонија’ и ‘Македонци’, предлогот ги повика двете страни да склучат договори засновани на неексклузивност. На пример, може да има ‘македонско вино, производ на Грција’ и ‘македонско вино, производ на Горна Република Македонија’. Се разбира, ѓаволот е во деталите: претпоставете дека Македонија се согласила за ново име, итн. со Грција. Пред да се согласи Грција да го ратификува (во Парламентот) приемот на Македонија во НАТО (како што мора да направат парламентите на сите членки на НАТО), таа ќе бара таквите прашања да бидат во корист на Грција – инаку нема да го ратификува договорот.
Петто. Работен документ од 8 октомври 2008 година предложен од Нимиц се осврнува и на некои од овие прашања. Ве охрабрувам да ја прочитате целата работа.
Има многу повеќе инстанци на идентитетот што се централен дел од целото ова апсурдно прашање и можете да прочитате за нив во еден труд што го напишав и објавив кај Обединета македонска дијаспора овде. Доволно е да се каже, прашањето се однесува на повеќе нешта отколку само на името – станува збор за тоа кои сте како Македонци. Да се биде Македонец е посебна карактеристика за која би размислувал долго и тешко пред да преговарам“, пишува Мико во својата колумна насловена „Идентитет. Идентитет. Идентитет“ и објавена на неговиот блог „Медиум“.





