Погрешната бегалска политика на канцеларката Меркел претставува подарок за АфД, вели лидерот на крајнодесничарската Алтернатива за Германија која е единствениот победник на парламентарните избори во Германија.
АФД е првата екстремно десничарска партија која влезе во Бундестагот по повеќе од половина век, освојувајќи над 13,5 отсто од гласовите и стана трета по големина партија во парламентот.
Шокот, иако очекуван, е комплетен. Во новиот состав на Бундестагот, АФД ќе има околу 90 пратеници, кои иако изолирани во парламентот, ќе продолжат да ја шират својата анти-имигрантска и исламофобична политика.
Критиката на политиката на германската влада за бегалците беше централна предизборна тема за АфД која доживеа подем за време на бегалската криза во 2015 година.
АфД се залага за одлучно протерување на бегалците. Погрешно е што лица без документи минуваат граници. Тие луѓе воопшто не би смееле да влезат во Германија, вели 76-годишниот лидер на партијатаАлександар Гауланд.
Легитимно право е на луѓето да трагаат по подобри животни услови, но исто така легитимно е и за една држава да каже: Вам овде не ви е место. Ние мора да си ги одбраниме нашите интереси, а наш интерес во секој случај не е масовно прифаќање бегалци од цел свет, вели Гауланд.
Тој е за слобода на вероисповест, но вели дека не сака исламските правила, на мала врата, да станат правило во Германија.
Тој изјави дека неговата партија ќе ја промени Германија и веќе најави дека ќе бара од парламентот да отвори истрага против Меркел поради приемот на повеќе од еден милион бегалци во последните години.
Владеачката Христијанско-демократската унија (ЦДУ)на Ангела Меркел забележа најслаб пласман на изборите од 1949-та година, а досегашниот коалициски парнер, германските социјалдемократи (СПД) на Мартин Шулц, преминуваат во опозиција.
Шулц оцени дека „грешките“ на актуелната канцеларка им помогнале на екстремните десничари да влезат во Бундестагот.






