Меџити: Не може административна или архивска работа да се прикаже како голем скандал

Денешното доставување документи во Владата од страна на СДСМ, како поткрепа на нивните сомнежите дека постои корупција и неправилности во работата на првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити, тој го оцени како обид да ја продолжат приказната и порача дека не може административна или архивска работа да се прикаже како голем скандал.



– Прво се зборуваше за одземање на ингеренции на Министерството за животна средина, а кога увидоа дека Инспекторатот кој бил автономен во нивно време сега е дел од Министерството, како сектор, отидоа на второто обвинување дека има простор за злоупотреба констатиран во Административниот инспекторат. Но, се работи за редовна контрола која била во програмата на Државниот административен инспекторат. Имаат опомена со забелешка за некоја воспоставена пракса, не за ингеренции или за нешто друго – изјави Меџити во одговор на новинарско прашање.

Соопштението на Министерството за животна средина и просторно планирање и изјавата на Меџити за шпекулациите и лажните наводи изнесени од страна на политичките партии СДСМ и ДУИ доаѓаат по прес конференцијата на која Богданка Кузеска, портпаролката на СДСМ, најави дека партијата ќе му ги достави на премиерот Христијан Мицкоски документите за „скандалот со вицепремиерот Меџити“.

СДСМ смета дека според наведеното во документите, во Министерството за животна средина бил поставен систем за потпис и одлучување спротиво на законите и административните процедури, што отвора сомнежи за корупција и мито.

Ваквата пракса е воспоставена од 2016 година кога министер за животна средина бил Нуран Изаири, па продолжила со Башким Ахмети, Садула Дураку, Насер Нуредини и завршила  со Каја Шукова. Тоа се редица на министри токму од СДСМ и ДУИ – прецизира Меџити.