Меџити: Мора да разјасниме дали АА и Таравари се дел од Вреди, или се со Ахмети – ДУИ може да се врати во Владата, само ако Вреди се подели

„Вицепремиерот Изет Меџити, еден од лидерите на Вреди, очекува АА на Арбен Таравари вечерва да ја реши дилемата и да ја информира коалицијата Вреди кој пат ќе го избере.“ – објави ТВ 21.

Телевизијата натаму истакнува: Изет Меџити ја повика АА на Таравари да одговори: „Да разјасниме меѓу себе: дали се дел од ВРЕДИ, или одат со ДУИ?“

„Ако се анализира сега состојбата, може да се констатира дека единствената можност за враќање на ДУИ во владата е поделбата на Вреди. За ваквата ситуација придонесоа и кругови однадвор“ – додаде Меџити.

Потсетувајќи на искуства од минатото, Меџити рече дека „поделбата на Албанците на повеќе табори само го дефакторизира албанскиот глас“. За да остане Вреди обединета, Меџити рече дека ѝ понудиле максимум на АА за поделба на општините. „Ја фаворизиравме АА, Таравари изјавува по медиумите ‘ ми понудија 35 отсто’. Ние до денеска не сме се договориле што ќе земе Демократското движење, туку зборувавме само за фаворизирање на АА со цел да остане Вреди обединета.“ – укажува Изет Меџити.

За Меџити е неостварлива можноста, што ја спомна Таравари, да излезат сами на изборите. „Бидејќи знаат и тие, а знаеме и ние. Исто е како јас да кажам дека ќе одам со Демократското движење сам утре, а нема да излезам сам, ако немам поддршка однадвор.“ – истакнува лидерот на Демократското движење и вицепремиер Изет Меџити.

Истакна дека посакуваат АА да остане дел од Вреди. „Ја сакаме АА во Вреди, но не АА, која ја има ДУИ како опција. Тогаш се губи смислата на промената.“ -вели Меџити. Според него, „од целата оваа ситуација на крајот Вреди ќе излезе поконсолидирана“.