Меџити: ДУИ е подготвена да го жртвува албанскиот јазик, за да предизвика напнатост и излегување на протести

Вицепремиерот Изет Меџити ја обвини ДУИ дека е подготвена да го жртвува албанскиот јазик, за да создаде напнатост и да се излезе на протести. Меџити прашува зошто Уставниот суд, кого, според него, го сочинуваат „експоненти на ДУИ и СДСМ“, со години го чува во фиока предметот за Законот за јазици. Меџити посочува дека не сака да се меша во работата на Судот, но се надева дека преземеното дејство нема да наруши важни процеси. Ова го објави ТВ Алсат.



ТВ Алсат  ја пренесува изјавата на Меџити, дадена во овој контекст: „Не е дилемата да се укине албанскиот јазик, туку се работи за дилема, која беше отворена пред многу години во врска со некои членови од сегашниот закон. Прашуваме: зошто овој Уставен суд со години го има предметот во фиока и сега го вади на површина кога знаеме дека Уставниот суд го сочинуваат експоненти на ДУИ и СДСМ? Тоа е една од целите. Во овој случај тие се подготвени да го жртвуваат дури и албанскиот јазик, само за да создадат дестабилизирачки ситуации и да излезат да протестираат на улица. Ова се случува, затоа што законот не се спроведува како што треба. Зошто Уставниот суд до сега не постапил во оваа насока? Во секој случај, не сакаме да се мешаме во судството, во Уставниот суд, но мислам дека ќе најдат сила и енергија да го испитаат, правилно да го анализираат, да не преземат некој чекор, кој може да создаде дестабилизација и да наруши многу валидни и важни процеси за државата.“