„Ако целта на САД, Трамп и Гренел е да ги искористат српските државни асоцијации во Косово, за да создадат албански асоцијации во * Македонија и во Прешевската долина, зошто да не и на Чамите (население во Грција, кое се смета како составен дел на албанскиот народ – заб.прев.), тогаш целосно се согласуваме со изјавата на Гренел. Ако 5 отсто од косовските Срби бараат извршни асоцијации, тогаш зошто и мнозинството од 30 отсто од Албанците во * Македонија да не ги постават своите барања за да имаат и тие вакви свои посебни извршни асоцијации?!“ – наведува Сулејман Мехази од Тетово, претставен како „политички аналитичар-колумнист“, во својата мини-колумна со наслов „Асоцијации за 5 отсто на Србите во Косово овозможуваат асоцијации за 30 отсто Албанци во * Македонија“, која ја објави весникот „Бота сот“ од Приштина. „Експрес“ ги пренесува овие проблематични ставови на Мехази, само поради тоа што тие веќе циркулираат низ медиумскиот простор во Балканот преку овој влијателен косовски весник, реактуелизирајќи ја во суштина идејата за „великоалбанска државност“ во западниот дел на Македонија. За што станува збор поконкретно? Во оваа колумна Сулејман Мехази ја возобновува идејата, која ја изнесе Зеќирија Ибрахими, тогаш генерален секретар на албанската партија Алтернатива, во својата колумна со наслов „Асоцијација на асоцијациите“, пренесена од на 4 март 2023 година од информативната агенција Илирија-ИНА: Албанците од Западниот Балкан нема да седат со скрстени раце.Ако Србија инсистира на етничката српска Асоцијација во Косово, тогаш Албанците ќе бараат и Асоцијација на албански општини во * Македонија.“
Во својата мини-колумна Сулејман Мехази уште дополнува: „Ако САД, ЕУ и Велика Британија се согласуваат со извршните асоцијации за 5 отсто српско малцинство во Косово, зошто да не се согласат и со асоцијации за 30 отсто од мнозинството Албанци во * Македонија? Барањата на 700 илјади Албанци во * Македонија за ваков тип на извршно здружување во оваа република би биле многу поразумни, пологични и поаргументирани за САД и ЕУ, отколку барањето на стоилјадното српско малцинство во Косово.“
На 4 март 2023 година и поранешниот македонски вицепремиер за евроинтеграции Ивица Боцевски во своја колумна со наслов „Чуму заедница на албанските општини во Македонија?“, објавена во весникот „Нова Македонија“, имаше предупредено дека „Заедницата на „албански општини’ е големодржавна идеја и цртање нови граници, што не минувало без војни и крв во поранешна Југославија“! „Кому му е повторно потребно да црта нови внатрешни граници во Македонија, во форма на некаква замислена заедница на албански општини? Лекција, што сите ние од просторите на поранешна Југославија ја научивме најсурово и најбрутално, е дека нема цртање и прецртување нови граници, внатрешни и надворешни, без војна и крв. Секоја големодржавна идеја завршува во трагедија, особено на Балканот. ‘Прецртувачите’ – Албанци на граници во Македонија се … подготвени се и своите соплеменици да ги жртвуваат, а сè во име на некои лудила и будалаштини.“ – имаше порачано Боцевски во таа своја колумна. Овие негови ставови и предупредувања во еднаква мера се однесуваат и на ставовите, кои повторно ги реактуелизира „политичкиот аналитичар“ Сулејман Мехази.





