Место затворска казна, Македонец доби 500 франка од Швајцарија

Колку некогаш знаат да бидат чудни патиштата на (не)правдата зборува примерот од Швајцарија со доселеник од Македонија, кој наместо драконски да биде казнет за напад со нож и за серија сообраќајни прекршоци – добил отштета од 500 франка.



Во април 2015 година македонскиот мигрант со речиси 25-годишен престој во Швајцарија со забранет нож нанел расекотина во ноќна тепачка со четворица учесници, од кои еден ги навредил неговата бремена жена и децата. По сослушувањето од полицијата, таа го прегледала неговиот мобилен телефон со надеж дека обвинетиот ја снимил тепачката и така ќе го расветли случајот, но открила неколку видеа што покажале дека тој неколку пати ги прекршил сообраќајните правила и прописи. Во едно од видеата човекот возел низ градот Бриг со 120 км/ч во зона со дозволени 50 км/ч, а во друго се снимал додека „летал“ со 210 км/ч надвор од градот додека на совозачкото место седело дете, и тоа без врзан појас.

Одбраната побарала ослободување, барајќи видеата да не бидат земени предвид како доказ, а обвинителот побарал 20 месеци затвор за 37-годишникот. Окружниот суд од Бриг решил видеата делумно да се користат во процесот, за на крајот да го ослободи возачот за прекршокот со детето, бидејќи од снимката било нејасно дали обвинетиот е зад воланот и дали видеото е направено во Швајцарија или во Македонија со вујкото на малиот, како што тврдел тој. Од Судот го отфрлиле и обвинението за пребрзо возење, бидејќи од снимката не било јасно дали навистина возел во зона до 50 км/ч.

Судот, конечно, го прогласил виновен македонскиот доселеник за неколку сообраќајни прекршоци, за обичен физички напад и за прекршок на законот за оружје. Пресудата за сето тоа била условна казна затвор од 18 месеци ако во следните четири години повтори некое од делата, плус глоба од 220 франци, а кантонот Валис му исплатил отштета од 500 франци за ослободителните пресуди.

Сепак, човекот од Македонија ќе мора да ги покрие трошоците за кривично гонење од 3.000 франци и да плати уште 1.000 франка за судски трошоци.