„Сакам да истакнам дека граѓаните треба да бидат мирни и уверени дека ПИОМ ќе биде функционална и финансиски стабилна институција која секогаш во вистинско време ќе ги исплаќа пензиите на корисниците во Македонија“, изјави директорот на ПИОМ Никола Мемов за Телма.
Вчера беа исплатени поензии повисоки за по 2.500 денари за сите пензионери што, според пресметките, претставува зголемување од 11,2 отсто.
„Доколку се направи усогласување со досегашната методологија за усогласување, зголемувањето би било четири проценти. Изразено во пари, зголемувањето од четири отсто би изнесувало околу 528 денари за пензионерите со минимална пензија или 1.600 денари за оние со 40.000 денари“, рече Мемов.
За дефицитот во буџетот на Фондот за исплата на пензиите, Мемов вели дека генерално тој е резултат на досегашните владини политики поради зголемувањето или одржувањето на економскиот раст.
„Во следниот период ќе направиме анализи и ќе ги утврдиме точните причини за ваквата состојба. Како пример, оваа мерка на Владата за зголемување на пензиите за 2.500 денари придонесе за зголемување на буџетскиот дефицит на Фондот за осум проценти, но ова е мерка на социјална солидарност која ќе придонесе за зголемување на животниот стандард на пензионерите“, се наведува во коминикето на Кабинетот на Мемов.
Според проценките, според Мемов, до крајот на годинава се очекува дефицитот да се стабилизира на 36-37 отсто, поради, како што вели, зголемувањето на приходите од наплата на придонесите.






