Мелони кај Трамп: Да го направиме Запад посилен

Американскиот претседател Доналд Трамп се согласи официјално да го посети Рим и ќе ја разгледа можноста за средба со претставници на Европската унија додека е таму, изјави италијанскиот премиер Џорџија Мелони која е во официјална посета на САД.



„Сакам да му се заблагодарам на претседателот Трамп што ја прифати поканата за официјална посета на Рим во блиска иднина и да ја разгледаме можноста за средба и со претставници на ЕУ“, рече Мелони.

Посетата на италијанската премиерка на САД доаѓа во време на царинскиот спор меѓу Вашингтон и Брисел, при што таа и Трамп изразија уверување дека САД и Европа ќе можат да преговараат за трговски договор пред да истече 90-дневната „пауза“ на Трамп за некои царини.

Трамп рече дека е „100 отсто“ уверен во можниот трговски договор со Европа.

„Се разбира дека ќе има трговски договор (…) Тие навистина сакаат да го склучат. И ние ќе направиме трговски договор. Целосно го очекувам. И тоа ќе биде фер договор“, рече Трамп по разговорот со Мелони.

Мелони, 48-годишна конзервативка, беше единствениот шеф на земја од ЕУ поканет на инаугурацијата на Трамп во јануари, а Трамп изрази склоност кон неа, нарекувајќи ја „многу посебна личност“ и „пријател“, .

Претходно овој месец, Мелони ги нарече американските царини „погрешни“, но за време на состанокот со Трамп рече дека е во Белата куќа за да го направи Западот „посилен“.