Министерството за внатрешни работи ги разгледува видеата од социјалните мрежи и подготвува материјали за можна кривична пријава против партиски активисти кои што на прославата по првиот круг на локалните избори пукале од пиштол во Шуто Оризари.
На видео снимката што ја објавува агенцијата Нетпрес се слушаат повеќе истрели од различно оружје а на видеото јасно се гледа како еден од присутните вади пиштол и пука најмалку 6 куршуми во воздух по што прославата продолжува.
Истрели од огнено оружје вечерта на изборите имало и во Арачиново од каде што според очевидци имало рафална средба од Калашњикови.
За Арачиново нема доволно докази дека навистина се пукало, велат извори од МВР кои што инсистираат дека министерството ќе ги расветли сите изборни инциденти без разлика дали во нив се инволвирани активисти на владеачката коалиција.
„Пукачот“ од Шуто Оризари кој може јасно да се препознае на видеото се соочува со долгогодишни затворски казни за две кривични дела „Предизвикување општа опасност“ и „Недозволено поседување и носење на огнено оружје“.
Најмалку десетина лица во последниве години загинаа или беа ранеи од заскитани куршуми кои што се испукуваат од свадби, сунети, родендени и други семејни веселби во Македонија.





