МВР не одлучи да ги отстрани „Балистите“ од мечот во Струмица! – Инсценира ли некој „предигра“ на протестите и дестабилизацијата на РМ?!

„Полицијата не донела одлука за отстранување на гостинските навивачи ‘Балисти’ од трибините.“ – изјавија од Министерството за внатрешни работи за ТВ 21 во врска со настаните на фудбалскиот натпревар меѓу Брера и Шкендија, што се одигра во Струмица.



ТВ 21 пишува: „Полицијата не донела одлука за отстранување на гостинските навивачи ‘Балисти’ од трибините. Откако делегатот побарал навивачите да го тргнат поставеното знаме, бидејќи со неговото поставување имаат сторено прекршок според член 3 став 1 алинеа 3 од Законот за спречување насилство и недостојно однесување на спортски натпревари, навивачите тоа го одбиле. Потоа самоволно си заминале од местото, без интервенција на полицијата. Притоа, помала група навивачи останала да го одгледа натпреварот.’ – велат од МВР“

Инаку, дел од медиумите на албански јазик вчера и во текот на денешниов ден објавија информации дека, наводно, „полицијата наредила да се отстранат албанските навивачи од трибините и пред да заврши првото полувреме, само затоа што на трибините го развиориле албанското знаме“. Во обидите за политизација на случувањата на фудбалскиот стадион во Струмица, во некои од албанските медиуми, дури можеше да се сретнат и информации со тенденциозен наслов „Владата Вреди – ВМРО го забрани истакнувањето на албанското национално знаме, ги оддалечија албанските навивачи од стадионот“!

Кон ваквото „политичко инсценирање“ на настанот во Струмица се надоврзоа и навивачите „Балисти“ на ФК Шкендија со своето соопштение, во кое наместо фудбалска, упатија политичка порака: „Во 30-та минута од натпреварот Брера против Шкендија доаѓа наредбата да се напушти трибината, бидејќи на решетките на трибините го истакнавме албанското знаме. Ова е идиотизам и пример, кој покажува дека Албанците се сметаат како граѓани од втор ред во словенската држава. Ќе се видиме следната недела во пеколот наречен Тетово! Албанија на Албанците, смрт на предавниците!“

По соопштението на македонското Министерство за внатрешни работи, имајќи ги предвид и пишувањата во одделни медиуми на албански јазик, но и „политичката порака“ на навивачите „Балисти“ на ФК „Шкендија“ од Тетово, се наметнува дилемата: дали некои се обидуваат да ги стават и случувањата на стадионот во Струмица во функција на инсценирање етнички инцидент со политичка заднина, како „предигра“ спроти најавените протести и дестабилизацијата на Македонија, што ги најавува ДУИ?!