Полицијата сеуште не може да открие кој ја осквернави сликата на Мајка Тереза на мозаикот на плоштадот Скендербег на денот кога беше одбележана годишнината од нејзиното прогласување за светица.
И покрај тоа што целиот плоштад е покриен со камери, властите не можат да пронајдат кој е вандалот кој што ја фрлил црна боја на нејзината слика.
Хуманитарката која што ја прослави Македонија и Скопје низ целиот свет најверојатно е жртва на верска нетрпеливост. Оваа светица која што е родена во Скопје предходно беше мета на вандали и на Косово.
Во јануари 2014 година непознати лива ја оштетија бистата на Мајка Тереза во јужниот дел на Митровица, која беше турната од постаментот. Ваквиот чин тогаш го поздрави Форумот на млади Муслимани на Косово, кој е дел од исламското движење „Приклучи се“ кое што има свои приврзаници и во Македонија.
Форумот смета дека Мајка Тереза е Влаинка од Скопје, а Ѓерѓ Кастриот е Србин, а нивните споменици се резултат на „насилниот и противзаконски процес на покатоличување и србизација на Kосово“.
Форумот на млади Муслимани на Косово тогаш преку соопштение порача дека вандалскиот чин е демократски чин на изразување на незадоволство, а од Владите на Македонија и на Косово побараа од јавните плоштади да ги отстранат спомениците на хероите христијани и препорачуваат нивните бисти да ги постават во дворовите на црквите.
Вчерашното насилство насочено против хуманитарката во Скопје најверојатно е сторено во раните утрински часови, а полицијата го регистрираше нешто по пладне. Од општина Чаир го осудуваат оштетувањето на плоштадот.
„Општина Чаир остро го осудува оштетувањето на Мозаикот во плоштад Скендербег, поради тоа што тој претставува културен монумент кој треба да се цени и чува. Општина Чаир, случајот го пријави и во МВР и баравме да се идентификуваат лицата кои го направија овој срамен чин“, соопшти портпаролот на Чаир, Куштрим Ала.
Приврзаниците на делото на Мајка Тереза се особено вознемирени што црната боја на нејзиниот лик осамна токму на денот кога таа беше прогласена за светица на Католичката црква, откако папата Франциско го призна чудото што нејзе и се припишува и издаде декрет за канонизација.





