Битолска апелација деновиве одлучува дали ќе додели дете на осуден насилник од моќна македонска фамилија и со тоа да спречи или да дозволи на мајка и син да се соочат со неправда на векот.
Битолскиот апелационен суд по втор пат се соочува со неправда на векот односно ќе одлучува дали ќе додели дете на осуден семеен насилник чија фамилија е една од најмоќните и најбогати во Македонија.
Откако Основниот суд во Охрид во многу контроверзно судење четиригодишно дете по втор пат го доделил на таткото кој е осуден семеен насилник, сега судиите во битолска апелација ќе носат одлука која може да биде досега не е видена одлука ниту во Македонија ниту пошироко.
Независни правници кои не се поврзани со постапката, но кои предметот го анализираат од аспект на човекови односно правата на децата велат дека ако битолска Апелација подлегне на притисокот од моќната и богата фамилија на таткото ќе направи историска неправда затоа што досега не се случило татко да добие старателство врз дете во околности како во овој предмет.
Според познавачи на семејното право ако судиите во Битолската апелација подлегнат на притисокот или на евентуални непристојни понуди ова ќе биде прв случај дете да биде доделено на татко кој е осуден семеен насилник и во чија полза е дадено мислење од ненадлежен центар за социјални работи.
,,Имињата на судиите кои би доделиле дете на татко осуден насилник ќе влезат во историјата на светското семејно право, но и како на луѓе кои ги прекршиле основните законски и хумани претпоставки”, вели адвокатка која не е дел од овој процес но која е запознаена со страшните детали од случајот.
Во судската постапка во Охрид пред предметот да дојде во битолскиот апелационен суд, судот донесол одлука врз основа на сведоштва на пријатели на фамилијата на таткото, со сведочење на вешто лице инаку позната македонска докторка која не поседува соодветна лиценца за да изготвува вешт наод и мислење во постапка за доверување на малолетно дете и за кое таканаречено вештачење може да се соочи со казна затвор.
Проблемите и недовербата во правосудството не престануваат, особено не и по контроверзната одлука на судот во Охрид, од причина што пресудата детето да се додели на татко семеен насилник е донесена врз основа на мислење на центар за социјални работи кој е ненадлежен да дава мислење за малолетното дете, што е децидно утврдено од повисоките надлежни државни инстанци.
Во првата фаза од постапката судот во Охрид го усвоил тужбеното барање на таткото, го разведува бракот и детето го доверува кај таткото. Против првата Пресудата на Основен суд Охрид одлучувал Апелационен суд Битола, кој по однос на доверувањето на детето предметот го вратил на повторно одлучување со напатствија, меѓу другото да се усогласат центрите за социјална работа по однос на мислењата за доверување на детото, имајќи предвид дека центарот за социјални работи во Скопје дал мислење детето да се довери кај мајката, додека центарот во Охрид дал мислење за таткото, како и да се спроведе интердисциплинарна работа, да се земат во предвид забелешките на ЈУ Завод за социјални дејности Скопје и друго.
По одлуката на Апелациониот суд во Битола, е водена повторна постапка во Основниот суд Охрид и на барање на судот, ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа Охрид доставил извештај од стручен тим со исто мислење за доверување на детето кај таткото, без притоа да спроведе интердисциплинарна работа односно воопшто не стапил во контакт со мајката и без усогласување со центарот за социјални работи Скопје.
За постапувањето на центарот за социјални работи во Охрид, Министерство за социјална политика, демографија и млади доставило писмено известување до ЈУ ЦСР Охрид, со кое го известува дека е одлучувано по судир на надлежности на два центри за социјална работа и е донесена одлука дека за малолетното дете во овој случај е надлежен ЈУ ЦСР Скопје да дава мислење за доверување и чување. Потоа ЈУ ЦСР Охрид со допис го доставува писмениот акт на Министерството за социјална политика, демографија и млади до Основен суд Охрид и предочува дека ЈУ ЦСР Охрид се прогласува за ненадлежен за понатамошно постапување за давање на мислење за доверување на малолетното дете во постапката пред Основен суд Охрид.
ЈУ ЦСР Охрид во согласност со добиено писмено известување од Министерство за социјална политика, демографија и млади исто така го повлекува извештајот од стручен тим, кој по втор пат дал мислење за таткото, без да спроведе интердисциплинарна работа, во кој допис наведува дека за понатамошно постапување по предметот е надлежен ЈУ ЦСР Скопје.
Потоа најверојатно настапува моќта и корупцијата која е рак рана за македонското правосудство и сега веќе бившиот в.д. Директор на ЈУ ЦСР Охрид тенденциозно со нов допис го известува Основен суд Охрид дека го повлекува претходно доставениот допис.
Исто така ЈУ ЦСР Охрид доставува допис до Основен суд Охрид со кој образложува дека во првиот допис со кој се прогласува за ненадлежен и го повлекува извештајот на стручниот тим СЕ БРИШАТ тие зборови, бидејќи според тогашниот в.д. Директор не било децидно наведено дека токму ЈУ ЦСР – Охрид е ненадлежен за понатамошно постапување во постапката за давање на мислење за доверување на малолетно дете.
По сите тие случувања дополнително, тогашниот в.д. Директор Игор Еленчевски присуствувал на рочиште во постапката пред Основен суд Охрид, каде на прашање дали останува со мислење за доверување на детето на таткото од неразбирливи причини одговорил ДА, иако знаел дека има одлука на Министерството за определување на надлежност и исто така знаел дека во тој момент во ЈУ ЦСР Охрид се води постапка за инспекциски надзор токму поради неговите незаконски постапувања.
Надежта за победа на правдата и вистината се наѕира во записникот за извршен инспекциски надзор со кој се утврдени неправилности во работењето на ЈУ ЦСР Охрид и тоа дека ЈУ ЦСР Охрид по однос на постапката за давање на мислење за доверување на детето не постапува по утврденото од Министерството за социјална политика, демографија и млади, односно тогашниот В.Д. директор на ЈУ ЦСР Охрид спротивно на определената надлежност презема активности и процесни дејствија пред Основен суд Охрид во постапката за доверување на малолетно дете, што е спротивно на член 80 став 2 од Законот за семејство и член 267 став 2 и член 266 од Законот за социјална заштита. Како и дека во постапката за давање на мислење за доверување на малолетно дете пред Основен суд Охрид не се користени методи на стручна, советодавна и советовалишна интердисциплинарна тимска работа, односно тогашниот В.Д. Директор не побарал мислење од членовите на стручниот тим во однос на променетата состојба по однос на судирот на месна надлежност, со што стручниот тим не ја евидентирал таквата активност во задолжителната стручна документација и немал можност да се произнесе и донесе став или одлука по однос на месната надлежност по постапката, што е спротивно на член 14 од Законот за семејство.
Во согласност со извршениот инспекциски надзор и доставениот извештај за спроведениот надзор, Министерството за социјална политика, демографија и млади презело соодветни активности, односно го разрешило в.д. Директорот Игор Еленчевски и е поставен нов директор.
Но сомнежите за корупција и влијанија произлегуваат од ваквото постапување на ЈУ ЦСР Охрид и Основениот суд Охрид кој повторно носи Пресуда со која малолетното дете повторно го доделува кај таткото врз основа на мислење на ненадлежниот ЈУ ЦСР Охрид. Сега против ваквата одлука се води борба за правда и правдина пред Апелациониот суд Битола по жалба на мајката.
Сега на ред се судии од Битолска апелација кои имаат шанса да влезат во историјата како луѓе што спречиле човечка неправда и како луѓе кои ќе ја утврдат вистината, ќе ја утврдат правдата и ќе дадат надеж за правда и правосудство во Македонија или пак шансата ќе ја искористат да влезат во историјата како луѓе што довериле четиригодишно дете на татко осуден сторител на семејно насилство со груба повреда на правото и правдата.
Дали моќта на некое семејство е поголема и поважна од законите, дали судството во Македонија е корумпирано до тој степен и слепо пред правото и правдата, до тој степен да не може да ја увиди природната врска мајка – дете, ќе се дознае во наредниве неколку недели.
Иако поширокото семејство веќе протежира дека ,,работата е наредена”, сѐ зависи дали тоа ќе биде така само од почитување или непочитувањето на законот од страна на битолските апелациони судии кои во своето прво одлучување беа на висината на задачата и ги почитуваа законите и дадоа надеж на правото и правдата во Македонија.
Врз судиите сега е надвиснат ,,Дамокловиот меч”, спрегнат помеѓу вистината, правдата и правото наспроти влијанијата на моќта, искористувањето на позициите на македонска докторка и директор кој лесно ја жртвувал својата позиција.






