Материјалот за случајот „Бисера Антоанета“ влезе во Обвинителство

Од Јавното обвинителство информираа дека вчера кај нив било пристигнато известување од Министерството за внатрешни работи и документацијата од Министерството за култура за наводната злоупотреба на буџетски средства од поранешната министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.



– До Јавното обвинителство вчера од Министерството за внатрешни работи е доставено известување и документацијата од Министерството за култура. Обвинителството веќе го проучува материјалот и ќе преземе дејствија, стои во информацијата од Јавното обвинителство.

Скандалот го обелоденија од ВМРО-ДПМНЕ. Според партијата поранешната министерка Бисера Костадиновска-Стојчевска користела буџетски пари за приватни цели за време на нејзиното службено патување во Лондон во октомври минатата година. Веднаш потоа и Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) отвори предмет по допрен глас.

Костадиновска-Стојчевска на прес-конференција посочи дека ќе одговара ако се утврди неправилност, а во спротивно најави тужба против ВМРО-ДПМНЕ.