Масакрот на балистите на Аќиф Речани врз македонското население и партизаните во Беличица на 19.9.1944, кога фрлале живи луѓе во оган

„На денешен ден, на 19 септември 1944 година балистите извршиле масакр врз македонското население во горнореканското село Беличица и партизаните од Третиот партизански одред, кои го бранеле. Во борбата со балистите, бранејќи го селото загинале 19 партизани од тој одред. Откако го совладале отпорот на партизаните, балистите влегле во Беличица и прво почнале да се изживуваат врз телата на убиените партизани. Потоа уследила одмазда врз македонското население.  Биле убиени 17 жени, деца и старци, кои потоа биле фрлани во оганот на нивните запалени куќи. Некои од жртвите биле и живи фрлани во оган, како 61-годишната Соломија Јовановска. Лиска Јовановска, најстарата старица, која ја убиле балистите додека лежела во својот кревет веќе подолго време, поради тешка болест, имала 88 години. Најмладиот убиен жител на селото била Нада Брајковска на возраст од само 12 години. Било запалено до темел целото целото село. Биле заробени и четворица партизани, од кои двајца биле стрелани во Тетово два дена потоа, на 21 септември. По војната во месноста Трница на 29 ноември 1972 година е поставен споменик во чест на загинатите партизани и жители на селото Беличица во овој масакр.“ – пишува во статијата со наслов „Масакрот во Беличица“, кој се наоѓа на „Википедија“.



Покрај другото, натаму во статијата се истакнува: Горнореканското село Беличица во текот на НОВ било познато како партизанско село. Тоа дало голем број борци во Народноослободителната војска. Било центар за врски на Комунистичката партија и Народноослободителната војска. Често овозможувало безбедно засолнување на илегалци и преминување на функционери на народноослободителното движење. Во Беличица и во нејзината околина често наминувале партизански единици, кои биле секогаш снабдувани со храна од селаните. Меѓу другото, во јули 1944 година на Бистра, близу Беличица, неколку дена престојуваше и Првата албанска бригада, која се одмораше по тешките битки, што ги водеше во Албанија и на која беличичани им ја обезбедиле потребната храна, додека била во реонот на селото.

Неколку месеци пред масакрот на 19 септември 1944 година, во јули 1944 година балистите веќе го имаа нападнато селото. Тогаш тие претепале многу селани, пљачкосале голем број добиток и убиле еден селанец. Новиот напад врз Беличица уследил во утринските часови на 19 септември 1944 година: го извршија повеќе од 300 добро вооружени балисти на чело со Аќиф Речани. Непланирано, непосредно пред нападот на балистите врз Беличица, во селото пристигнале борците на Третиот тетовски партизански одред. Овој одред бил составен од 35 борци, од кои поголемиот дел, штотуку беа станале партизани. Од нив само 13-мина биле вооружени. Во својот состав Одредот имал Македонци, Срби, кои биле доселени во Тетовско, како и Албанци.

Во борбите и масакрот во Беличица загинале вкупно 38 партизани и селани. Меѓу загинатите биле двата народни хероја на Македонија и Југославија Тодор Циповски-Мерџан и Ѓоце Стојчевски-Амбарче, обајцата родени во 1920 година во Тетово, потоа Мурат Бафтијари (1918 во Вејце, Тетовско), Благоја Тоскоски-Тоска (1922 во Тетово) и други. Жртви имало и кај балистите. Кај зградата на училиштето била разбиена и една група балисти со голем број на убиени, но нивниот број е непознат.

Четворицата заробени партизани балистите ги одвеле со себе и од нив тројца биле стрелани во Тетово два дена потоа, на 21 септември: Младен Симоски-Требош (1923 во Тетово) и Андреја Христоски-Шварц (1919 во Тетово). Третиот од нив, Сретен Теофиловски, и со 17 куршуми во телото, не подлегнал на повредите и по стрелањето е спасен и излекуван.

Преземено од: „Википедија“