Ману Џинобили и Сан Антонио го финализираат договор кој ќе го задржи Аргентинецот на терен најмалку уште една година. Со тоа ветеранот од Баија Бланка ќе ја започне шеснаесеттата сезона во дресот на Спарси од есен, пишува The Vertical.
Ману кој има полни 39 години има четири титули на НБА, а иако сезона 2016/2017 му беше една од најслабите во кариерата, тој се уште не е подготвен да и каже крај на НБА. Џинобили одигра 69 натпревари за тимот на Грег Поповиќ во претходниот шампионат и во нив имаше просек од 7.5 поени, 2.7 скока и 1.2 асистенции.
Спарси го избраа Емануел Џинобили како 57. пик на драфтот во далечната 1999. година, а три лета подоцна тој пристигна во Тексас, за да стане незаменлив дел од династијата на “Мамузите”. Бекот е само вториот играч во историјата кој може да се пофали со шампионски титули од Евролигата, од НБА и кој поседува златен олимписки медал. Првиот, потсетуваме, е Бил Бредли, кој по крајот на кариерата стана сенатор на сојузната држава Њу Џерси.
Џинобили до сега одигра 992 натпревари во регуларната сезона и 213 во плеј-офот од НБА. Три пати беше дел од Ол Стар натпреварот, а во сезоната 2007/2008 беше избран за најдобар шести играч. Со Аргентина има злато од Олимписките игри во Атина во 2004. година и сребро од СП во 2002. година во Индијанаполис.
На 28. јули Ману ќе наполни 40 години.




