Загрижува фактот што наши политички партии се прилепуваат на провокации и ја обвинуваат МАНУ за молчење за суштински прашања од посебен национален интерес, реагира Македонската академија на науките и уметностите.
„Неточни и крајно тенденциозни се тврдењата на Божидар Димитров, директор на Националниот историски музеј на Бугарија. Неговите антимакеоднски ставови им се добро познати на МАНУ и на пошироката македонска јавност и не заслужуваат посебен коментар. Меѓутоа, загрижува фактот што на таквите провокации се „прилепуваат“ наши политички партии, кои, без претходно да ги проверат фактите, ја обвинуваат МАНУ за „молчење за суштински прашања од посебен национален интерес, за наводна нејзина приврзаност кон една или друга политичка партија, за клиентелизам и за поткупливост“, се вели во соопштението на МАНУ.
Од таму велат дека „енергично и со индигнација ги отфрла ваквите ставови и квалификации“.
Во соопштението МАНУ пишува дека не била и нема да биде приврзок на ниту една политичка партија и дека не поседува информации за преговорите и содржината на договорот за пријателство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија поради што, наведува, и не може во оваа фаза од преговорите да ги соопшти своите оцени и ставови.
„Апсурдни се и неразбирливи сомневањата искажани од страна на некои политички партии дека МАНУ, не реагирајќи на провокациите на д-р Божидар Димитров, се откажува од заштитата и одбраната на македонскиот јазик, македонската историја, идентитет и култура. Напротив, фактите се сосема поинакви. МАНУ и Бугарската академија на науките (БАН) во периодот по 2014 година остварија извонредно богата научна и културна соработка базирана врз принципите на рамноправност и заемно почитување и уважување“, соопшти Академијата.
Во соопштението посочува дека се реализирани 30 заеднички научноистражувачки проекти во различни области на науките и уметностите, а неодамна е договорена и соработка врз 15 нови проекти. Резултатите од истражувањата, посочува МАНУ, редовно се објавуваат во заеднички двојазични зборници на трудови на македонски и на бугарски јазик, во Софија и во Скопје, а презентациите и промоциите на трудовите, исто така, се вршат на македонски и на бугарски јазик, во БАН и во МАНУ.
Претходно ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека „во услови кога македонските национални и државни интереси се атакувани од надвор, кога се негираат македонскиот народ, македонскиот јазик и името на државата, нашата највисока национална научна установа молчи“.
„Таки Фити, претседателот на МАНУ, го нема, молчи и се крие. Да имаше грам достоинство ќе застанеше и ќе го одбранеше својот личен углед, угледот на институцијата и угледот на Република Македонија“, изјави Зоран Илиоски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ





