МАНУ: Насекаде во светот постои само една национална академија, која ја претставува државата

„Македонската академија на науки и уметности – МАНУ отсекогаш била отворена за сите граѓани, кои ги исполнуваат високите научни и уметнички критериуми за членство во неа, независно од етничката, верската и каква било друга припадност. За политичките партии и нивните влијанија никогаш немало место во неа. Од нејзиното основање до денес, во Академијата членови биле припадници на македонскиот народ, но исто така и на сите етнички заедници.“ – се нагласува во официјалното соопштение на Македонската академија на науки и уметности – МАНУ.

Натаму, Македонската академија на науки и уметности – МАНУ во своето соопштение истакнува: Меѓу другите, во последната декада во составот на МАНУ имаше четири члена од албанска етничка припадност, од коишто во трите последователни раководства еден беше научен секретар, а двајца потпретстедатели на Академијата, од кои еден е во сегашното раководство, како и три члена надвор од работниот состав.

Во Македонија, како и во земјите од регионот и насекаде во светот, постои само една национална академија, која ја претставува државата во европската и во други меѓународни асоцијации на академии. Претседателството на Македонската академија на науки и уметности – МАНУ повикува да не ја вовлекуваат во дневнополитички расправи и партиски дискусии, што ја оптоваруваат редовната дејност на Академијата, а кои спаѓаат во доменот на законодавниот дом и државните институции.

Македонската академија на науки и уметности – МАНУ е формирана во 1967 година како највисока научна и уметничка институција во Република Македонија, во рамките на тогашната Југословенска федерација, со матична комисија составена од претседатели, попретседатели и членови на најстарите академии во Југославија. При тоа, првиот состав на академици е избран согласно со највисоките универзални научни и уметнички стандарди и китериуми.

Денес Македонската академија на науки и уметности – МАНУ претставува најзначајна национална научна и уметничка институција од посебен општествен интерес во Република Македонија, која со децении наназад со својата научно-истражувачка дејност и со советодавната улога претставува столб во градењето и зачувувањето на идентитетот и државноста на македонскиот народ и деловите од другите народи, што живеат во Република Македонија.