Мандатарот Мицкоски најавува старт на инвестиции и не бара 100 дена меден месец

Време е да ги засукаме ракавите. Повикувам на единство и заедничка работа, за иднината на нашите деца, за подобар живот. Ова во експозето од собраниската говорница го изјави мандатарот Христијан Мицкоски кој најави нови капитални инвестиции и проекти за економско зајакнување на Македонија. Најави намалување на даноците и зголемени пензии, економски раст од 5% и годишна инфлација од 2%.



Обнова на довербата во институциите, елиминирање на корупцијата и владеење на правото наместо состојби кои ја довеле државата до клиничка смрт и незапаметена нефункционалност. Вакви ветувања изнесе пред пратениците мандатарот Христијан Мицкоски.

Државата треба да му ја вратиме на народот, рече Мицкоски. Најави дека работата на сите предложени кандидати за министри и за јавни функции ќе бидат предмет на постојана ревизија и евалуација. Побара поддршка и од опозицијата.

Опозициската СДСМ најави дека ќе биде тука секогаш кога ќе има потреба, но програмата на Владата ја оцени како полна со контрадикторности и лаги. Наместо рамноправност на жените, само 3 министерки. Прв вицепремиер останува иако ветуваа укинување. Нови задолжувања наместо нивно стопирање. А пред се, околу Уставот и употребата на името.

Европскиот фронт забележа дека во владината програма нема ништо од изборните ветувања на „Вреди“. „Вреди“ истакнува дека нивните главни заложби ќе бидат полноправно членство во ЕУ, добрососедски односи и економски развој.

Левица гледа само десетина добри работи, а и тие биле препишани од нивната програма. Иако на идната опозиција јавно ѝ подаде рака, ветувајќи разговори за сите важни прашања, од СДСМ од собраниската говорница со критики за програмата и предлог-владиниот состав. Владата ќе брои 24 члена, вклучувајќи го премиерот. 15 од нив се од ВМРО ДПМНЕ, 6 од „Вреди“ и двајца од ЗНАМ. Треба да биде избрана по дводневна расправа до утре на полноќ.