Дејан Манасков расположено ги сумира впечатоците од синоќешното реми 25:25 со бранителот на титулата Германија во последното коло од групата Ц на Европското првенство за ракометари во Хрватска.



„Пред натпреварот ако некој ни даваше еден бод ќе потпишевме, но на крајот многу сме среќни што одигравме нерешено со актуелниот европски шампион. За нашата мала земја ова е голема работа“, изјави македонското лево крило.

„Со три бода од групната фаза одиме повторно да се бориме. Имаме шанса, сега сме први и малку да одмориме, па ќе се концентрираме на следните противници“, додаде стрелецот на пет гола против Германците.

Следен ривал на Македонија е Шпанија в недела од 20:30 часот, два дена подоцна во тој термин избраниците на селекторот Раул Гонзалес ќе играат со Чешка и на 24 јануари од 18:15 ч. против Данска.

Групата од втората фаза во Вараждин „црвено-жолтите“ ја стартуваат како лидери со три бода, пред Шпанија, Данска, Германија и Чешка со по два и Словенија со еден.