Евтино, достапно за сите, но и вкусно. Пилешкиот џигер е дел од кујните на многу нации, а освен едноставните рецепти во светот со овој продукт, дел од кулинарите експериментираат и доаѓаат до навистина интересни јадења. Еве еден таков, кој делува светски и се нарекува Терина од пилешки џигер, а во основа и не е ништо особено сложен за подготовка. Инаку името на овој рецепт е според садот наречен Терина.



Состојки:

-400 грама пилешки џигер
-100 грама кромид
-50 грама путер
-сол и мелен црн пипер
-прстофат тимијан
-коњак
-црвено вино порто
-30 грама прашок за желатин
-1 дл слатка павлака
-црвен лут пипер
-сок од лимон
-препечен леб и путер (кога се служи јадењето)

Подготовка:

Исечкајте го кромидот и пропржете го на путер во длабока тава да омекне. Додадете ги целите џигерчиња и пржете околу 10 минути, зачинете со сол, црн пипер и тимијан. Фламбирајте со коњак, турете го виното порто и провријте. Извадете половина од џигерот од длабоката тава и задржете го. Другата половина измешајте ја со желатинот кој претходно го растопивме во слатка павлака.

Зачинете со сол, лут црвен пипер, малку коњак и малку сок од лимон. Промешајте и ставете ја смесата во терина која претходно сте ја обложиле со пластична фолија. Додадете ги целите парчиња џигер и ставете го садот во фрижидер да се олади и стврдне.

Откако ќе се олади, извадете, исечете и послужете со препечен леб и путер.