Францускиот претседател Емануел Макрон ги повика европските компании да ги замрзнат планираните инвестиции во САД како одговор на царините од 20 отсто на претседателот Доналд Трамп за сите стоки од Европската унија, пишува Politico.
„Важно е идните инвестиции најавени во последните недели да бидат привремено суспендирани додека не ја разјасниме ситуацијата со САД“, рече Макрон за време на состанокот со претставниците на погодените сектори и членовите на владата во Елисејската палата. Тој нагласи дека Европа мора да покаже „колективна солидарност“ и праша:
„Каков сигнал ќе испратиме ако големите европски компании истурат милијарди во американската економија во време кога (САД) нè погодуваат?
Макрон ги опиша американските тарифи како „брутална и неоправдана одлука“ што ја потврдува потребата од построга трговска политика на ЕУ.
„Ништо не е исклучено, сите алатки се на маса“, рече Макрон, нагласувајќи дека Европа не е наивна и мора да се брани пред трговска војна.






