Макрон предлага да распне „нуклеарен чадор“ над Европа

 

Ова беше клучно во синоќешното ТВ-обраќање до нацијата на франсцускиот претседател во врска со меѓународната ситуација и во пресрет на денешниот вонреден самит на ЕУ, јавува Си-Ен-Ен.



Франција, единствената нуклеарна сила на ЕУ, има вкупно 290 нуклеарни боеви глави, во споредба со најмалку 1.600 распоредени и речиси 2.800 на залиха во Русија, пишува Беноа Гремар, научен соработник во Институтот за стратегиски и одбранбени студии.

Сојузникот на ЕУ, Британија, исто така, има свој нуклеарен арсенал (260 боеви глави).

Макрон веќе ги покани европските партнери на дијалог за нуклеарното оружје во 2020 година, но неговиот повик остана без одговор.

Сега, ситуацијата драматично се промени поради војната на Русија против Украина и пресвртот во американската политика под Доналд Трамп.

Иницијативата на Макрон значи проширување на арсеналот на Франција, пишува Гремар. Според него, за тоа ќе биде потребно време и ќе ги зголеми трошоците, чија вкупна сума може да надмине 10 милијарди евра годишно – без трошоците за одржување и логистика.

Покрај високите трошоци, иницијативата се заканува да го поткопа сегашниот систем за контрола на нуклеарното оружје.

Франција, исто така, предлага да се зголемат трошоците за одбрана и да им се дозволи на европските земји да купуваат оружје и муниција од европските производители.

Тоа значи „реиндустријализација на нашиот регион. Европа мора да може подобро да се брани. Треба подобро да се вооружиме“, нагласи Макрон.

„Влегуваме во нова ера. Нашата генерација нема да може да живее само од дивидендите на мирот. Наше е да го посееме семето за иднината“, рече Макрон, инсистирајќи дека Франција го направила вистинскиот избор поддржувајќи ја Украина во изминатите три години.

Тој предупреди дека САД ја „промениле својата позиција“ за војната во Украина, а во исто време воведуваат тешки трговски царини за европските стоки.