Францускиот претседател Емануел Макрон во интервју за ТВ Франс 2 објасни зошто мора по секоја цена да се спречи победа на Русија во војната со Украина.
„Ќе направиме сè за да ја постигнеме нашата цел. Ако Русија победи, животот на Французите ќе се смени. Веќе нема да имаме безбедност. Во Украина е во прашање безбедноста на Французите и на Европа. Ако победи Русија, авторитетот на Европа ќе се сведе на нула“, изјави тој.
Макрон нагласи дека неговата земја е подготвена да одговори на можна ескалација од Русија и „да донесе одлуки за да се осигура дека таа нема да победи“.
„Денес е време да се спротивставиме. Сега е вистинското време да кажеме дека, ако Русија продолжи да ескалира, ако ситуацијата се влоши, ние мора да бидеме подготвени – и ќе бидеме подготвени да донесеме одлуки кои обезбедуваат Русија никогаш да не победи. Ќе направиме сè за да ја постигнеме нашата цел“, рече тој, истовремено
истакнувајќи дека „Франција не е во војна со Русија и рускиот народ“, туку ја поддржува Украина.
„Нема да има долгорочен мир доколку нема украински суверенитет и враќање на меѓународно признатите граници. Украинците ќе мора да ги одредат неговите услови. И мирот не значи капитулација на Украина“, додаде тој.
Макрон уште потенцира дека Франција како нуклеарна сила не треба да учествува во ескалацијата.
„Нашиот нуклеарен арсенал првенствено ја гарантира безбедноста на Французите. Но, исто така ни дава одговорност никогаш да не прибегнуваме ниту кон вербална ниту кон воена ескалација“, рече тој.






