Пишува: Свето Тоевски
Протестите во Белград, во Србија, се тест за македонското државно-национално достоинство, како и за нашата принципиелност да си ги гледаме своите македонски внатрешни работи и да не се мешаме во внатрешните работи на Република Србија и на српскиот народ.
Нииз медиумите се вртат прогнози на одделни политички аналитичари од типот „завршена е политичката кариера на Вучиќ, само е прашање кога ќе падне“, други даваат мислења за „судбината на диктаторот Вучиќ“, а трети, со предзнак дека се политичка организација во име на „сите Македонци по род“ „повикуваат протестите на студентите во Белград да бидат мирни“! Кој побара мислење од одделни Македонци, македонски граѓани, нека се и „стручни толкувачи на политичките настани“, дали и што ќе се случува со српскиот претседател Александар Вучиќ? Каква е потребата одовде, од Република Македонија, да се повикувало „да бидат мирни протестите“ во Белград?!
Република Македонија, Македонците и сите други граѓани на македонската држава треба да задржат достоинствен и принципиелен однос на немешање во внатрешните државни и политички работи на суверена Република Србија и на суверениот српски народ. Во оваа смисла логична е и рационална изјавата на претседателот на Владата на Република Македонија Христијан Мицкоски, дадена денес, на 15 март 2025 година: „Ако побара некој побара помош од нас, советодавна, каква било, тука сме да овозможиме такво нешто во рамките на законите и Уставот на Македонија. Ако не, повторно ние ќе си ја гледаме нашата задача, затоа што имаме работи, што треба да си ги решаваме дома. Немаме амбиција да бидеме дел од внатрешните работи на која било земја во светот.“
„Нормално е да ја следиме состојбата во Србија. Неодговорно би било да не ја следиме состојбата со нашите соседи и врз основа на тоа сме подготвени за предизвиците. Ако постојат такви, имаме разработено сценарија, но не очекувам прелевање кај нас.“ – нагласи Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање како ја оценува безбедносната состојба во Република Македонија, односно дали случувањата во Србија можат да се одразат и кај нас.
На дополнителното прашање дали е запознат со информациите од тамошните медиуми дека структури од соседни земји на Србија, спомнувајќи ја и нашата држава, учествуваат во некакви сценарија за уривање на тамошната власт, премиерот Мицкоски одговори дека политиката на власта е јасна: „Не сакаме да ни се мешаат во нашите внатрешни работи, а ниту ние ќе се мешаме во внатрешните работи на која било друга земја“.
Од принципиелен и политички неутрален аспект авторот на овие редови ќе потсети само накусо на неколку претходни факти. Во екот на пандемијата со ковид-19 Вучиќ ширум ги отвори вратите на својата држава за македонскиот народ и несебично, тој и неговиот српски народ ги споделија вакцините со нас. Не е за заборавање српската помош околу пожарите во Македонија, донацијата со брашно и други гестови на поддршка и пријателство од страна на Александар Вучиќ и Србија кон Македонија и македонскиот народ и другите македонски граѓани.
Имајќи го и ова предвид, најосновното македонско државно и национално достоинство ни налага да се воздржиме од лицитирања „дали и кога ќе падне Вучиќ“, што ќе се случува со Србија. Дали ќе биде, кога и што со српскиот претседател тоа е работа негова и на српскиот народ. Дали ќе си поднесе оставка Вучиќ, или не, дали и како би изнудиле незадоволните српски протестирачи оставка од него – и тоа не е работа на Република Македонија и на Македонците и другите македонски граѓани.
Натаму, авторот на овие редови искажува став, кој може да го аргументира, но во врска со кој ќе остане воздржан од принципиелни причини: во оваа соседна држава не се случува „Шарена“, односно „Обоена револуција“, од оној тип каква што беше изведена во 2016 година и во неколкуте години подоцна, заради уривање на легалната влада и на тогашниот премиер Никола Груевски во режија на меѓународни фактори. Во Србија значителни слоеви од населението од свои причини искажуваат свое автентично несогласување со начинот како Александар Вучиќ претседателствува, како раководи во политичка и економска смисла со неговата држава. А што мислат значителен број Срби за Вучиќ тоа може секој сам да го осознае, следејќи ги српските медиуми, при што повторно тоа си е нивна внатрешна работа.
Иако се масовните протести во Србија против Вучиќ автентичен изблик на разидување на ставовите на значителни делови и слоеви на српскиот народ со неговите ставови и со неговата политика, сепак, повеќе се од видни надворешни разноразни замешателства во овие српски политички случувања, макар што не се во вид на надворешно генерално организирање и спроведување на тамошните протести. Пред се, голема е дилемата дали Европската унија веќе активно се обидува да интервенира во внатрешните работи на Србија, наметнувајќи со закани своја „европска платформа“ за дијалогот меѓу Белград и Приштина околу иднината и статусот на Косово – едно од исто така „жешките точки“ на зовриеното незадоволство на српските протестирачи.
Магистер Дарко Обрадовиќ, експерт за хибридни дејства и геополитика во Центарот за стратегиска анализа од Белград, во врска со француско-германскиот план за дијалогот меѓу Белград и Приштина околу иднината и статусот на Косово вели дека тој станал веќе „платформа на ЕУ“, која претставува „можности но и закана за Србија“! „Ако се отфрли овој план, би уследиле прекинување и заминување на странските директни инвестиции, негативно рангирање на државата Србија и враќање на европските визи. Поради тоа, ќе биде загрозен опстанокот на Србија и ќе биде доведен во прашање и нејзиниот развој, ако се отфрли германско-францускиот план, претворен веќе и во европска плаформа за Косово.“ – оцени Обрадовиќ.
Во поткастот со српскиот претседател Александар Вучиќ Доналд Трамп Јуниор, синот на американскиот претседател Доналд Трамп, кој се наоѓа во Србија, изјави во врска со протестите во оваа балканска држава: „Постојат извештаи за вмешаност на одделни американски агенции во протестите во Србија.“ Доналд Трамп Јуниор отвори дополнителна дилема дали е можно одделни се уште активни структури на американската „длабока држава“ во спрега со некои од постојните еврократи во Брисел, или лидери на ЕУ, да се обидуваат да не ѝ дозволат на Србија да „скршне“ од евроинтеграцискиот пат, со намера и да ја принудат неа и нејзиниот претседател Вучиќ без многу „претање“ да го прифатат наметнатиот француско-термански план за „нормализација на односите со Косово“?
Исто така, загадочна е, или е само стратегиски пресметана и обмислена, руската поддршка за Александар Вучиќ, и покрај тоа што видни и руски и српски аналитичари и интелектуалци му праќаат „абер“ на Путин дека во Србија не се случува „Шарена револуција“, туку нешто сосема подруго, внатрешно отфрлање на политиката на Вучиќ од страна на српскиот народ.
Како и да е, што и да е во Србија и со Вучиќ, ќе заклучиме, повторувајќи го принципиелниот и врамнотежен став на македонскиот премиер Мицкоски: ние треба да си ја гледаме само нашата задача, затоа што имаме работи, кои треба дома да си ги решаваме, без да пројавуваме амбиции да бидеме дел од внатрешните работи на која било земја во светот, ниту на Србија. Во претстојниов период на постапното пренасочување на вниманието на САД од Балканот и Европа кон Пацификот и економското, политичко и воено ривалство на САД со Кина, Република Македонија треба допрва да вложува во градењето длабоко развиени и вистински доброседски односи со Србија.
Во оваа насока немешањето во внатрешните работи на пријателска Република Србија и на пријателскиот српски народ, како и сега во турбулентните протести, е повеќе од неопходно. Тоа ќе биде влог во натамошното продлабочување на добрососедските односи со Србија и српскиот народ, сфатени во смисла на односи меѓу два рамноправни народа и две рамноправни држави, без постоење зависност и подреденост на Македонија кон Србија.
(Авторот изнесува во оваа анализа ставови од сопствена објективна политиколошка анализа, кои немаат поврзаност со ставови на ниедна политичка партија, ниту со уредувачка политика и ориентација на ниеден медиум во Република Македонија)





