Брачна двојка од Македонија денеска се појави на Регионален суд во швајцарскиот град Бил за измама за социјална помош, обвинети дека не пријавиле приход од вкупно 280.000 франци.
Мажот на возраст од 56 години и неговата 53-годишна сопруга одбиле да сведочат, а Обвинителството ги гони за професионална измама.
Во октомври 2005 година двојката поднела барање за социјална помош во Одделот за социјални работи на градот Бил. Мажот се преправал дека бара работа, иако работел веќе 11. месец до поднесувањето на барањето. Според обвинението, тој редовно ги доставувал до властите информациите за неговите напори да најде работа, кои тој „делумно ги измислил“. Всушност, човекот работел, но не ги пријавил заработените пари.
Во годините 2005 и 2008-2012 двајцата добиле социјални бенефиции во износ од речиси 244.000 франци, кои на двојката ѝ овозможиле просечен приход од околу 4.100 франци месечно. Градот Бил, како приватен тужител, заедно со камати, бара отштета од 295.000 франци.
Регионалниот суд денеска сослуша како сведоци претставници на Агенцијата за вработување и на социјалните служби од Бил. Изрекувањето на пресудата е закажано за в петок.





