Македонските фудбалери тргнаа кон СП со убедлива победа во Лихтенштајн

Фудбалската репрезентација на Македонија го победи Лихтенштајн во Вадуц со 3:0 на стартот од квалификациите за Светското првенство 2026.



Триумфот посветен на настраданите во трагедијата во Кочани, за кои во знак на почит македонските репрезентативци носеа темна опрема, го обезбедија головите на Александар Трајковски во 7. минута, Висар Муслиу во 42. минута и Бојан Миовски во 84. минута.

Со својот 22. гол во 92. настап, Трајковски се зацврсти на второто место на вечната листа на стрелците на македонскиот национален тим, за дефанзивецот Муслиу ова е втор погодок во 65. натпревар, а за Миовски седми во 30. меч.

До својата 40. победа во едни квалификации, шеста во низа заедно со Лигата на нациите, „црвено-жолтите“ стигнаа со доминација на теренот за која зборуваат поседот на топка од 68:32 проценти, три пати повеќе удари кон голот (18:6) и 7:0 во корнери.

Следен ривал на избраниците на селекторот Благоја Милевски во групата Ј ќе им биде Велс во вторник од 20:45 часот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.