Македонија потешко од очекувањата ги почна квалификациите за Европското првенство во ракомет, совладувајќи ја Естонија „само“ со 37:33 во Скопје најмногу поради потценувањето на аутсајдерот во групата 1.
Пристапот на избраниците на селекторот Кирил Лазаров беше толку ноншалантен, посебно во првото полувреме, што по водството од 12:8 на „црвено-жолтите“ Естонците прво се изборија за 20:20 пред паузата, а во 40. минута дури и поведоа со 26:24!
Тоа го вклучи алармот во македонскиот тим, се „разбуди“ и голманот Марко Кизиќ, кој стигна до 7 одбрани, откако со Мартин Томовски заедно имаа само една (!) во првиот дел, па работите полека си дојдоа на своето место.
Македонија во последните десет минути влезе со 34:29 и до крајот не дозволи (ново) непријатно изненадување, иако гостите уште еднаш се заканија, намалувајќи на 35:33 во 58:11 минута.
Мартин Серафимов со 10 гола од 14 удари беше најдобриот поединец во победничкиот состав, за кој Марко Митев имаше ефект 7/9, а Филип Кузмановски 7/10.
В недела од 17 часот Македонија во Вилнус ќе ѝ гостува на Литванија, која евроквалификациите ги отвори утревечер во Велење кај фаворитот во групата Словенија.





