Тесен пораз од 27:25 за ракометната репрезентација на Македонија од соорганизаторот Хрватска во Вараждин во контролниот натпревар за претстојното Светско првенство, откако првото полувреме го добија „црвено-жолтите“ со 14:13.



Избраниците на селекторот Кирил Лазаров му дадоа силен отпор на домаќинот во исполнетата сала, во која од 15 до 19 јануари ќе ги одмерат силите со Унгарија, со Холандија и со дебитантот Гвинеја.

Врз конечниот резултат директно влијаеа исклучувањата на Мартин Серафимов и на Милан Лазаревски во последните три минути, во кои се влезе со резултат 24:24.

Македонските голмани блескаа, па Никола Митревски првото полувреме го заврши со 10 успешни интервенции, а Никола Кизиќ во второто запиша 5 одбрани, меѓу кои и три седмерци.

Меѓу десеттемина стрелци во поразениот тим се издвоија Ненад Костески со 4/4 и Жарко Пешевски со 4/5, пред Павле Атанасиевиќ со 3/4, Мартин Серафимов со 3/6 и капитенот Филип Кузмановски со 3/9.

Звонимир Срна од „коцкестите“ беше најефикасен на средбата со 6/8, пред Иван Мартиновиќ со 5/11, а голманите Доминик Кузмановиќ и Иван Пешиќ одбранија по 5 удари.

Првиот ривал на Македонија на мундијалот, Унгарија, ремизира 31:31 на тестот со Србија во Сомбор.