Македонските одбојкари пресилни за Азербејџан во Европската златна лига

Македонија ја оправда улогата на изразит фавороти против „фенерџијата“ Азербејџан, декласирајќи го со 3:0, по сетови 25-17, 25-17 и 25-18, на стартот од вториот турнир на Европската златна лига во белгискиот град Беверен.



Првата победа во третиот натпревар од лигата го зацврсти на десеттото место осминафиналистот како соорганизатор на Европското првенство минатата година, а следна пречка за избраниците на новиот селектор Хари Наковски утре од 15 часот ќе им биде домаќинот Белгија, која исто така има една победа и два пораза и сет-количник 4-6.

На подмладениот македонски национален тим, без Александар Љафтов, кој побара одмор пред августовските квалификации за Европското првенство, по Белгија му преостанува третиот и последен турнир од Европската златна лига во Осиек, каде што на 31 мај ќе се сретне со домаќинот Хрватска, а еден ден подоцна и со Шпанија.