Наспроти логиката дека не може да биде проблем нешто што не постои, како што тврдат во Грција за македонскиот јазик, токму тој денеска повторно го одложи судењето во Солун на ексразузнавачите Никола Бошкоски и Горан Грујевски, овој пат за 1 декември.
Како и на првото рочиште во четвртокот, Судот не најде преведувач од македонски, па по неколкучасовно чекање во судницата преполна со мигранти двајцата обвинети Македонци за користење лажни бугарски пасоши се вратени во притвор.
Бошкоски, кој на аеродромот „Македонија“ во Солун минатата среда покажал пасош со име Неџби Хасан, заедно со Грујевски, кој се идентификувал како Христо Атанасов, ги бара и Македонија со меѓународна потерница како обвинети во случаите „Тврдина“ и „Таргет“ на Специјалното јавно обвинителство. Обајцата, кои беа уапсени во обид да заминат со авион за Будимпешта, од грчките власти побараа да не бидат екстрадирани во матичната земја поради страв за својот живот, тврдејќи дека се жртви на политички прогон.





