Македонскиот фудбалски бисер Ѓорѓев до крајот на сезоната во Арау

Дваесетгодишниот фудбалски репрезентативец на Македонија, Никола Ѓорѓев, сезонава ќе ја доврши во дресот на швајцарскиот второлигаш Арау, како зајмен играч од Грасхоперс, со кој има договор до 30 јуни 2020 година.



Играчот за врска роден во Цирих, кој има настапувано и за младинските селекции на Швајцарија од 15 до 19 години, има клаузула на договорот со Арау што му овозможува да остане уште една година, ако се наметне со своите игри кај тренерот Маринко Јурендиќ.

Со ова заврши голготата на Ѓорѓев во холандскиот прволигаш Твенте, каде што ја помина првата полусезона и за кој запиша само три настапи, од кои два во првенството и еден во Купот.

Вниманието врз себе тој го привлече со 40. настапи за Грасхоперс, во кои постигна четири гола и асистираше за уште толку погодоци. Тоа му донесе повик во репрезентацијата на Македонија до 21 година, за која одигра пет средби, од кои три на Европското првенство лани во Полска, каде што постигна еврогол во ремито 2:2 со Србија. Пет настапи има и за најдобрата македонска селекција.

Арау е седми на табелата по 20 одигра ни кола во т.н. Челинџ лига на Швајцарија.