Во македонскиот Устав нема основ, ниту постапка за промена на името, пишува во анализа за името и конкретно улогата на Времената спогодба во спорот за името, професорката Гордана Силјановска – Давкова.
Еден од најдобрите македонски правници и познавачи на политичкиот систем и уставниот поредок во анализата која ќе биде објавена утре (петок) вели дека колонијализмот и идеолошката конфронтација на големите сили креираа држави со име: Горна и Долна Волта, Конго( Бразавил) и Конго ( Киншаса), Северен и Јужен Виетнам, Источна и Западна Германија, Северна и Јужна Кореја, но дека нивните примери не можат да послужат како меѓународно правен преседан во случајот на Македонија.
“Кога ќе кажете „ Република Македонија“, правите јасна дистикција меѓу држава и провинција/област, зошто е одредено државното уредување на државата, кое не оди со провинција/област. Во правниот и мегународен сообраќај, не се споредуваат различни ентитети, држава со провинција, туку држава со држава, провинција со провинција. Нашата држава не се вика Античка Македонија. Таа настанала во 20век, по германскиот модел на држава-нација!! Античкото наследство е цивилизациска и заедничка придобивка и не е ексклузивно право на Грција. Нека си го негуваат трите грчки области грчкиот регионален идентитет, а ние – државниот и националниот. Иредентистичките стравови се не само беспредметни, туку и правно отфрлени од Бадентереовата комисија и од Меѓународниот суд во Хаг!!”, пишува професорката Силјановска – Давкова во анализата што ќе биде објавена утре на пладне.





