„Македонска“ температура: На Ципрас тешко му оди со името

„И самата содржина и стилот на изјавата на Ципрас потврдуваат дека тој никогаш не го третирал националниот проблем со ПЈРМ со неопходната сериозност и одговорност, постојано ги промовирал неговите ситнопартиски поделби и аспирации”, се вели во соопштението на опозициската Неа демократија, по синоќешното телевизиско обраќање на грчкиот премиер до нацијата.



Алексис Ципрас соопшти дека е постигнат напредок во преговорите за името, но дека има многу до конечното решение кое, според него, би содржело сложено име за севкупна употреба.

Тој се обврза дека во следниот период со патриотска одговорност ќе се стремел кон заемно прифатливо решение.

Потсетувајќи дека не случајно повеќето членки на ООН ја признале соседната земја под уставното име, а Македонија е содржана и во привремената референца, Ципрас рече сега не е време за националистички изливи и фанатизам, туку дека е потребна патриотска подготвеност да се постигне најдобро можно решение, за што пак, се нужни мудрост, одмереност и реализам.

„Со својот говор денес, Ципрас целосно ја потврди одлуката на Неа демократија да не биде одговорна за неговите штетни избори“, велат од партијата, како што пренесува „То Вима“.

Главната опозициска партија, исто така, нагласува дека „ние сè уште очекуваме коментар на Ципрас за позицијата на Каменос и дали тој смета дека е принципиелно за национално прашање, владата да нема јасен и обединет став“.