Со 70% зголемување на синдикалната потрошувачка кошничка за три години, цените веќе се на ниво како во западните земји, велат граѓани кои живеат во странство, пренесува РСЕ. Власта најави запирање на мерката за замрзнати цени. Функционерите може да добијат ново покачување на платите во износ на една минимална плата, а работницте во јавниот сектор само 2.000 денари. Власта најави дека од следниот месец нема да ја продолжи мерката за замрзнување на цените, додека граѓаните се жалат на континуиран раст на трошоците за живот и притисок од инфлацијата. Истовремено функционерите со новото усогласување може да добијат ново покачување на платите во износ повеќе од една минимална плата, доколку тоа не биде спречено во Собранието, а платите на работниците во јавниот сектор од март ќе пораснат за околу 2.000 денари.

Синдикалната потрошувачка кошничка овој месец е зголемена за 313 денари, според Сојузот на синдикатите на Македонија. Тоа е продолжување на трендот на раст на цените, со што само за два месеци трошоците за живот пораснаа за 1.000 денари, откако во јануари синдикалната потрошувачка кошничка порасна за 641 денар.
Магдалена Крстевска е од Скопје, но пред 20 години заминала да живее во Торонто, Канада. Таа деновиве е во посета на родниот град и ни раскажа како кога дошла во Македонија ја дочекало лошо изненадување.
„Бев во Бразил, Аргентина, Флорида во САД за Нова година и потоа во Париз. Но, кога дојдов во Скопје многу се изненадив од високите цени и животните трошоци, бидејќи нема голема разлика од местата кои ги посетив. Ние во Канада имаме поголеми плати, а поевтини цени. Има и таму поскапувања, но повеќе контрола“, вели Крстевска за РСЕ.

Поскапувањето го чувствува и Емилија Саздовска од Скопје која ни раскажа дека и покрај тоа во семејството мораат да купуваат храна, но кратат на се друго.
„Како тргнала работава можеби ќе треба да се откажуваме и од основни козметички производи или да ги сведеме на минимум. Се откажуваме од одење на кафе, одење во кафеана со пријатели и мислам дека е така кај многу луѓе. Ако преку работна недела некогаш кафеаните биле полни, сега се полупразни. Многу е намален животниот стандард на луѓето“, вели Саздовска.

На едно четиричлено семејство во февруари му се потребни вкупно 57.476 денари (935 евра) за да ги покрие основните животни трошоци, според потрошувачката кошничка на ССМ.
Иако власта постојано вели дека инфлацијата паѓа, според ССМ зголемени се трошоците за храна и пијалаци за околу 200 денари повеќе споредено со јануари, како и за транспорт, рекреација и култура. Просекот сега е 38.359 денари, а минималната 20.175 денари. Тоа значи дека четиричлено семејство со една просечна и една минимална плата едвај ги покрива основните минимални трошоци коишто значат семејството да има сопствен стан, да вози автомобил со ниска кубикажа, да плаќа струја во прв блок, да пазарува во поевтини маркети и да не се хронично болни, според пресметките на ССМ по новата методологија.
Ако едно домаќинство треба да живее во изнајмен стан од 60 квадрати, трошоците се зголемуваат за плус 15.375 денари, што потрошувачката кошничка доаѓа до 72.538 денари месечно или 1.179 евра.





