Македонска алијанса: БАН има цел да нè понижи со ставот за јазикот

Партијата Македонска алијанса на Ѓорѓија Џорџ Атанасоски најостро ја осуди „најновата провокација од бугарска страна“ со ставот на Бугарска академија на науките (БАН) дека македонскиот јазик е деструктуриран бугарски јазик.



„Ставот на БАН со кој повторно се пласира една небулозна теза дека не постои македонски јазик, тврдејќи дека, наводно, таткото на македонизмот бил Србин, кој, според нив, неприродно се спротивставувал на бугарштината, е исклучително опасна теза, која, всушност, има цел да го понижи македонскиот народ. Особено што за ваквиот став бугарската лингвистка Ана Кочева се повикува на член 8 од Договорот за добрососедство“, се констатира во соопштението, за веднаш потоа да се постават прашањата: „Каде е МАНУ да реагира на ваквите небулози? Каде се нашите лингвисти да се спротивстават со факти? Македонската алијанса ја прашува актуелната Влада дали со Договорот за добрососедство сме прифатиле да нè нарекуваат Вардарска Македонија, бидејќи претставникот на БАН во интервјуто така нè именува? Каде е МНР да протестира? Или, земајќи предвид дека со Договорот актуелната Влада на Зоран Заев и на Никола Димитров презема обврска да спречува создавање на антибугарско расположение во Македонија, да ги шминка учебниците по историја и заедно да слави празници со бугарски претставници, па сега мора да одмолчува и на ваквите провокации?“.

Во продолжението од својата реакција, Македонска алијанса истакнува дека е за  градење добрососедски односи, но на принципиелна основа.

„Бугарија е наш важен сосед, кој прв ја призна Македонија под уставното име, но, сепак, ние не можеме да отстапиме од стратешките позиции и интереси на македонскиот народ. Македонија не може да ги менува историските факти. Македонија и македонскиот народ за време на Втората светска војна беа на вистинската страна, на фронтот за слобода и правда, се бореа против фашизмот и поради тоа беа жртва на бугарската окупаторска војска. Тоа е еден од најпрецизните историски факти дека Македонците и Бугарите не се и никогаш не биле ист народ“, се вели во соопштението.

Македонска алијанса на крајот порача дека ќе се бори со сите политички средства Македонија еднострано да го раскине договорот со Бугарија, повикувајќи се на членот 13, точка 3, ако тој биде ратификуван во македонското Собрание.