Репрезентацијата на Македонија во хокеј на мраз ја совлада Босна и Херцеговина со 8:7 во првиот од двата пријателски натпревара викендов во Сараево, остварувајќи ја првата победа на гостински терен во својата историја.
„Црвено-жолтите“ ги добија првите две третини од дуелот во олимписката сала „Хуан Антонио Самаранч“ („Зетра“) со 3:1 и со 3:2, а последната им припадна на Босанците со 4:2. Давор Анастасов постигна четири гола, Стефан Децковски два, Кристијан Ташевски и Дмитриј Прокудин по еден.
Натпреварот го следеше и вршителот на должност амбасадор на Македонија во БиХ, Александар Крстевски.
Во втората средба Босна се реваншира со 7:6 по продолжението, откако основниот дел заврши нерешено 6:6. Домаќинот ја доби првата третина со 3:1, а другите две Македонија со 2:1 и 3:2.
За босанските хокеари ова беше проверка пред квалификацискиот турнир за Светското првенство од третата дивизија, на кој ќе бидат домаќини од 25 февруари, а противници им се Кувајт, Туркменистан и Обединети Арапски Емирати, каде што како голмански тренер работи македонскиот чувар на мрежата Александар Петров.





