Непопуларни цени на влезниците за прелиминарната фаза по групи одреди организаторот на 29. Светско првенство за ракометари во јануари в година во Хрватска, па навивачите на македонската репрезентација ќе мора да издвојат од 50 до 70 евра за да ги бодрат избраниците на селекторот Кирил Лазаров во Вараждин.
Станува збор за блок-билети, кои почнаа да се продаваат онлајн попладнево и со кои ќе може да се проследат двата натпревара во денот во Градската спортска сала во Вараждин, со капацитет од 5.033 седишта, која ќе им биде домаќин на Унгарија, Холандија, Македонија и Гвинеја во групата Д.
„Црвено-жолтите“ ќе стартуваат на 15 јануари против носителот на групата Унгарија, два дена подоцна ќе им излезат на мегдан на Холанѓаните, а на 19 јануари ќе се сретнат и со дебитантот Гвинеја.
Првите три селекции по дуелите меѓусебе ќе се пласираат во групата 2 од главната фаза исто така во Вараждин, кадешто ќе вкрстат со најдобрите три од групата Ц (Франција, Австрија, Катар и Кувајт), со кои ќе се натпреваруваат за две места што водат во четвртфиналето.
Ова ќе биде третпат Македонија да игра во Вараждин по СП 2009 и ЕП 2018.






