Според „Барометар на слободата“, проект на фондацијата „Фридрих Науман“, Македонија се наоѓа на 21. место меѓу 30 земји од Европа и од Азија.
Од можни 100 поени, Македонија има 56,40, помалку за 1,40 во однос на минатата година, што од земјите во регионот ја позиционира само пред Босна и Херцеговина на 25. место и Турција на 26.
Од опкружувањето пред Македонија се Словенија на осмото место, Романија на 12., Хрватска на 14, Бугарија на 15., Грција на 16., Унгарија на 17., Албанија на 18., Црна Гора на 19. и Србија на 20.
На врвот на листата со 83,80 поени е Холандија, пред Естонија и Германија со по 80,10, а на дното Русија со 41,80.
„Барометар на слободата“ опфаќа низа критериуми во рангирањето, и тоа политичката слобода (слободни и фер избори, отсуство на неуставни вето-субјекти и слобода на печатот), владеењето на правото (независност на судството, корупција и заштита на човековите права) и економската слобода (сигурност на правата на сопственост, влијание на Владата: трошоци, даноци и претпријатија, потоа регулација на кредитирањето, на трудот и на бизнисот, како и слобода за меѓународно тргување).





