Подобрување на квалитетот на животот преку забрзување на економскиот раст е основната цел на реформскиот план ВИЗИЈА ЗА ЗАБРЗАН РАСТ, што го предлага организацијата Македонија 2025. Планот се базира на „Платформата за просперитет“ која Македонија2025 ја претстави во 2020 година, а чии фундаменти вклучуваат: Нулта толеранција за корупција, преку транспарентност, систем базиран на заслуги и лична одговорност; Континуиран раст на БДП над 5 отсто годишно, преку зголемени инвестиции во образованието, деловни и регулаторни реформи, поддршка на извозот и намалување на сивата економија; како и квалитетна и ефикасна јавна администрација и пристапување во ЕУ.

- „Македонија се соочува со силни развојни предизвици, како на локално, така на регионално и на глобално ниво, чија сложеност и неизвесност, заедно со бавниот напредок во приближувањето кон животниот стандард на ЕУ, повикуваат на сеопфатна, интензивна и темелна акција во претстојниот период. Токму ваквите состојби нѐ мотивираа да се посветиме на креирање на конкретни меркисо кои сакаме да ги поттикнеме сите чинители во општеството, да преземат одлучни активности за нивна имплементација“, изјави Никица Мојсоска-Блажевски, извршна директорка на Македонија 2025.
Надоврзувајќи се на неговото излагање, членот на Одборот на директори на организацијата Виктор Мизо, посочи: „За да ја унапреди вкупната конкретност на домашната економија, земјата мора да привлече и новиинвестиции од странство, за што неопходно е да се воспостави нова стратегија, вклучувајќи и новмодел што ќе биде атрактивен за инвеститорите. За тоа треба да се изградат и ефикасни агенции кои навистина ќе им овозможат брзо да ги реализираат своите инвестициски проекти во нашата земја“.

За третиот сет мерки од планот ВИЗИЈА ЗА ЗАБРЗАН РАСТ кои треба да овозможат подоброискористување на потенцијалот на дијаспората, говореше членот на Одборот на директори на М2025 Боријан Борoзанов, кој меѓу останатото рече: „Македонија се соочува со силни емиграциски движења и намалување на бројот на населението, што предизвикува се поголем недостиг на работна сила, појава која веќе е пречка за економскиот развој на земјата. Едно од решенијата за ваквиот сериозен предизвик е да се креираат можности со кои ќе се олесни повратот на иселениците во нивната татковина. За тоа ние како организација нудиме конкретни мерки и политики кои државата може веднаш да ги спроведе“.
На подготовката на реформскиот план, што се базира на анализи и експертиза од различни области, работеа голем број членови на Македонија 2025, кои дадоа значаен личен придонес, користејќи го и вмрежувајќи го своето големо знаење и професионално искуство. Во пресрет на претстојните избори организацијата ќе им го претстави планот на релевантни чинители во општеството, со цел мерките што се содржани во него да станат дел од вкупната развојна агенда на земјата во следниот период.





