Македонија ја „уништи“ Литванија за деветти пласман на ЕП во ракомет

Со драстично подобра игра во второто полувреме, пред сè, во одбраната, ракометната репрезентација на Македонија убедливо ја совлада Литванија со 26:17 пред 5.000 гледачи во арената „Јане Сандански“ во Скопје и избори деветто учество, осмо во низа, на европските првенства, вкупно 18. настап на големите натпреварувања.



Токму во вториот дел, откако првиот го добија со 13:11, „црвено-жолтите“ примија само два гола до средината на полувремето и широко си ја отворија портата на 17. еврошампионат што ќе се одржи во Норвешка, Шведска и Данска од 15 јануари до 1 февруари 2026 година.

Литванците, кои го добија првиот меѓусебен дуел во Вилнус со 29:27, го отворија мечот со водство од 4:0, а домашните ракометари својот прв гол го постигнаа дури во 8. минута, но во продолжението од средбата фаворитот ја оправда таа улога.

Најефикасни во составот на селекторот Кирил Лазаров беа десниот бек Мартин Серафимов со 5 гола од 6 удари и капитенот Филип Кузмановски со 5/10 (4/4 од 7 м).

Голманот Мартин Томовски запиша 13 успешни интервенции, а Никола Митревски 3, од кои два од седмерци.