Македонија шеста на вечната листа во Лигата на нациите

Со освоените 41 бод од 22 одиграни натпревари во досегашните четири изданија на Лигата на нациите, фудбалската репрезентација на Македонија се наоѓа на шестото место на вечната листа на ова натпреварување на УЕФА.



Пред неа се само Грција со 48 бода, Португалија со 46, Грузија со 45 и Шпанија и Холандија со по 42, а веднаш зад неа е Италија, која исто како и Македонија има 41 освоен бод, но од 23 средби.

Токму преку Лигата на нациите „црвено-жолтите“ го изборија единствениот настап на големите натпреварувања – Европското првенство 2021, како победник во разигрувањата со Косово и со Грузија во дивизијата Ц.

Во тековното четврто издание на Лигата избраниците на селекторот Благоја Милевски водат со 10 бода во групата од Ц-сегментот со Ерменија, со Летонија и со Фарски Острови и две кола пред крајот имаат безмалку обезбедено прво учество во дивизијата Б во сезоната 2026-27.