Македонија уште не ги ни закопала своите мртви од кочанската трагедија, а Европскиот парламент денес бара „брзо да го промени Уставот“!?

Пишува: Свето Тоевски



Република Македонија уште е во периодот на седумдневната национална жалост, прогласена поради страотната трагедија во Кочани, уште не се ниту закопани 59-те  млади, пеплосани сосе „дискотеката“ во Кочани, а Европскиот парламент денес со свој нацрт-извештај бара од Македонија уставни измени „за да се зајакне мултиетничкиот карактер на земјата“! Каква европска бесчувствителност, каква нехуманост од Европскиот парламент токму сега да се огласуваат со дрско „повикување“ дека „земјата треба да се придржува до билатералните договори, особено до Преспанскиот со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, со цел да се постигнат опипливи резултати и добра волја од сите страни“!

Комисијата за надворешни работи денеска во Европскиот парламент расправаше за извештајот на Македонија подготвен од Вајц, во кој се земени во предвид последните два годишни извештаи на Европската комисија. „Скопје ќе може да ги почне преговорите за членство во ЕУ веднаш по усвојувањето на неопходните уставни измени.“ – изјави денеска известувачот за напредокот на земјава во Европскиот парламент, Томас Вајц.

Сега кога сиот македонски народ е во состојба на колективна национална траума, сега кога државните институции ги активираат максимално сите расположливи капацитети да се истражат сеопфатно сите причини, кои доведоа до кочанската трагедија, токму сега Европскиот парламент со својот нацрт-извештај нашол момент да бара „трајна посветеност на дијалогот и соработката со соседните земји, за да се изгради меѓусебна доверба и да може земјата да продолжи по својот европски пат“!

Всушност, и оваа европска институција, како и сета Европска Унија, уште еднаш покажува дека ним поправо не им е воопшто грижа за животот и смртта на овој народ македонски, на граѓаните на Република Македонија кога вака безобѕирно и бескрупулозно се осмелуваат да се огласат со нов европски ултиматум, фактички и наредба, како што се наведува, дека „земјата мора да усвои и други уставни реформи, за да обезбеди брз напредок во преговорите за пристапување во ЕУ“ Бидејќи била „препознаена како доверлив партнер кој е во согласност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ“.

„Европскиот парламент ја потврди својата целосна поддршка за македонската кандидатура за членство, охрабрувајќи ја да го задржи темпото на процесот на интеграција. Тој ја истакна потребата од усвојување на уставни измени со цел да се зајакне мултиетничкиот карактер на земјата и да се забрза нејзиниот пристап во ЕУ. ЕП ги охрабри сите политички партии да се вклучат во конструктивен дијалог за да се изгради консензус за овие измени.“ – порачува Европскиот парламент и потврдува дека е изгубен и во просторот и во времето, заедно со целата Европска унија, штом ги гази беспримерно болката и жалоста не само на семејствата на жртвите во кочанската трагедија, кои се болка и жалост на сиот македонски народ, но и на другите граѓани на оваа држава.

Еве ја на дело европската „цивилизираност“, ете го на показ нивото на „сочувствување“ на „напредните Европејци“ со невидената несреќа на македонскиот народ: уште нашите мртви деца и момчиња и девојки не се ниту закопани, а се бара „брза промена на уставот“! Кон каква ли Европа ние се стремиме?! Зарем од оваа политичка Европа и од оваа ЕУ ќе очекуваме да ни помагаат за нашиот живот, штом се за нив се неважни мртвите од кочанската трагедија?!

Оваа реакција не е уште една пропаганда против ЕУ и Европскиот парламент, туку само уште едно реално посочување на „тврдата“ и сурова еврореалност, во која не се важни ниту мртвите на македонскиот народ, ниту неговиот идентитет, јазик и историја. Што е премногу – премногу е, што е неприфатливо – неприфатливо е!

(Авторот изнесува во оваа колумна индивидуални ставови, кои немаат поврзаност со ставови на ниедна политичка партија, ниту со уредувачка политика и ориентација на ниеден медиум во Република Македонија)