„Тоа го говорат и сите статистички податоци кои ги води државата во смисла на потрошени средства за увоз на храна на сметка на домашното производство кое е далеку намалено“, предупредува Цветан Трипуновски, дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство во интервју за Курир.
Според него, ситуацијата е повеќе од алармантна!
„Во оваа 2024-та година земјоделците се на прагот на исчезнување и Македонија станува се повеќе увозно зависна од храна, односно онаа домашна, квалитетна храна која некогаш сме ја имале за сопствените потреби и најголем дел за извоз што значело девизен прилив за државата денеска е во сосема обратен правец.
Оваа категорија на граѓани кои што се најзаслужни и за нашата економија и за нашата егзистенција е далеку под она ниво на кое некогаш сме биле“, вели Трипуновски.
Таа ситуација се отсликува и на терен помеѓу земјоделците независно од кој дел на Република Македонија се наоѓаме. Едноставно, селата сега се уште поиспразнети од тоа што беа во 2020-та година, имаме се помалку земјоделци кои се занимаваат со земјоделство и во регистрите, но и во теренска активност.
Ако во 2016-та-2017-та година имало над 95.000 земјоделци апликанти за поддршките кои МЗШВ ги имало во тоа време, во 2023-та година во истите тие апликации за мерките и програмите имаат аплицирано некаде околу 65.000 земјоделци, што е сериозно намалување на бројот на земјоделци кои се занимаваат со земјоделство.
Тоа значи околу 30.000 земјоделци помалку. Ова, според Трипуновски, е сериозен удар бидејќи изминативе години сите погрешни политики и задоцнети мерки, ненавремено ангажирање на ресорното министерство и Владата, значи разочарување и напуштање на нивите ширум Република Македонија, предупредува Трипуновски.






