Тошко Јорданов, шеф на пратеничката група на партијата Има таков народ во бугарското Народно собрание, се издвои од хорот критичари од Бугарија на категоричниот став на новиот македонски премиер Христијан Мицкоски за неприфаќање на „бугарскиот диктат“, опишувајќи ја Македонија како „таканаречена држава“, а претседателот на македонската Влада го нарече „премиерче“.
„Ова е уште еден доказ дека бројните отстапки на дипломатската сцена не водат до посакуваните резултати. Премиерот на Република Северна Македонија дури си дозволува да врши притисок врз бугарските и европските пратеници да ја поддржат неговата кауза за т.н. повторно преговарање преку нивното членство во заедничкото европско семејство. Премиерчето Мицкоски најави дека бугарскиот диктат нема да помине додека тој е премиер. Сега ќе ги парафразирам неговите зборови – Мицкоски, сè додека продолжуваш да зборуваш за бугарски диктат и да не ги почитуваш договорите на таканаречената држава Северна Македонија, никогаш нема да влезеш во Европската унија“, ја цитира бугарскиот весник „Труд“ изјавата од собраниската говорница на пратеникот од партијата на Слави Трифонов, која има 16 члена од вкупно 240 во Парламентот во Софија.





