Најдобрите, иако сега ќе се постави прашањето околу оваа флоскула, дали тоа навистина се најдобрите македонски кошаркари, загубија вечерва од Естонија со 80-76 и го проблематизираа пласманот во квалификациите за Светското првенство. Во Борис Трајковски во Скопје освен во првата четвртина кога водевме со 29-17, бевме слаби, немоќни, неквалитетни, настрана и дефокусирани, и на терен и на клупа.



За разлика во првиот меч од претквалификациите за СП, кога бевме лоши на почеток, па не можевме да го стасаме Косово овде, стартот беше одличен, но, потоа доживеавме неверојатен пад, а Естонија направи пресврт и на одморот замина со предност од 43-42. Во третиот период се вративме, изедначивме и поведовме, но добрата игра не траеше долго. Естонците брзо ја вратија предноста и лесно го финишираа мечот за победа број 1 за нив.
„Кога ќе се промашат 15 слободни фрлања, не можете да се надевате на ништо добро“, рече селекторот Јорданчо Давитков по мечот во кој преодна оценка во нашиот табор може да добие само Војдан Стојановски кој постигна 26 поени, евентуално уште Џордан Теодор кој реализираше 13. Следниот меч за Македонија е против Косово во Скопје на 12. август.