Со скокот од 86 места во однос на минатата година, фудбалската репрезентација на Македонија направи најголем напредок на листата на ФИФА во 2017 година, која избраниците на селекторот Игор Ангеловски ја завршија на 76. позиција.
Прогресот е уште поголем во однос на март годинава, кога „црвено-жолтите“ беа 166. во светот.
На девет одиграни натпревари во годината што изминува Македонија оствари пет победи, две нерешени и еден пораз. Во квалификациите за Светското првенство 2018 во Русија совладани беа Лихтенштајн со 3:0 во Вадуц и со 4:0 во Струмица, како и Израел со 1:0 во Хаифа. Македонските репрезентативци ремизираа со по 1:1 со Албанија во Струмица и со Италија во Торино, а загубија само од Шпанија со 2:1 во Скопје.
Во трите пријателски средби, пак, сите три во Скопје, беа изборени триумфи од 3:0 над Белорусија и 2:0 над Норвешка, како и реми без голови со Турција.
Втор најголем прогрес во 2017 година од 65 позиции оствари Андора, која се искачи на 138. место, а трет Либан, кој напредуваше 62 места и годината ја завршува како 85.
Во „топ 10“ нема промени, па репрезентација на годината е светскиот шампион Германија, втор останува Бразил, а трет европскиот првак Португалија. По нив следуваат Аргентина, Белгија, Шпанија, Полска, Швајцарија, Франција и Чиле по тој редослед.





